Според повеќе светски економски експерти, кинеската економија покажува конкретни индикатори на динамизирање на трендот на раст, а се очекува економијата на државата уште повеќе да забрза во наредните месеци, со оглед на континуираното закрепнување и низата нови политики за економски раст, кои стапија во сила во третиот, а ќе стапат во сила и други во четвртиот квартал од тековнава година
Пекинг се заложи за сеопшт глобален просперитет и благосостојба
Светски експерти и економски аналитичари, пишувајќи во повеќе светски медиуми идентификуваат индикатори на „силно раздвижување на кинеската економија со постепено подобрување на побарувачката, зголемување на економската активност и намалување на дефлацискиот притисок“. Во своите анализи, експертите изразуваат оптимизам за економските перспективи на Кина, велејќи дека „се очекува економијата уште повеќе да забрза во наредните месеци и така континуирано да продолжи, со оглед на низата политики за раст што стапуваат во сила во третиот и четвртиот квартал“.
Во таков контекст се и информациите од кинеското Национално биро за статистика (НБС) објавени неодамна. Токму тие информации покажаа дека потрошувачката инфлација во Кина закрепна изминатиот месец, односно во август. Индексот на потрошувачките цени (ЦПИ) во Кина, кој е главен показател за мерење на инфлацијата, се зголеми за 0,1 отсто на годишно ниво во август, во однос на падот од 0,3 отсто во јули. Растот на основниот ЦПИ, кој ги исклучува нестабилните цени на храната и енергијата и се смета за подобар показател на односот меѓу понудата и побарувачката во економијата, се зголеми за 0,8 отсто на годишно ниво во август, објави НБС.
Луиз Лу, водечка економистка во британската експертска група „Оксфорд економикс“, рече дека главниот ЦПИ се вратил на позитивна патека во август, бидејќи растот на услужниот сектор придонел за одржување на рамнотежата. Помалку негативниот индекс на цените на производителите (ППИ) првенствено беше поттикнат од помалиот пад на цената на нафтата на годишно ниво.
Кинескиот ППИ во август, кој е показател за индустриското производство, беше намален за три отсто во однос на претходната година по годишното намалување од 4,4 отсто забележано во јули, според НБС. Според Лу, нејзиниот тим очекува годишен раст на ЦПИ и ППИ во просек од 0,5 отсто и минус 3,2 отсто оваа година, закрепнувајќи на 1,8 и еден отсто идната година.
Што мислат аналитичарите од Кина и дали нивните процени се совпаѓаат со проекциите на светските економски аналитичари?
На пример, аналитичарот Џоу Маохуа од „Чајна евербрајт банк“ смета дека „закрепнувањето на кинеската економија ќе продолжи да се засилува во остатокот од годината со посилна политичка поддршка и подобрување на потрошувачките потреби и деловната доверба“. Аналитичарот истакнува дека растот во моментов зема замав и дека претпријатијата во некои сектори сè уште ги немаат докрај надминато тешкотиите, но според новите развојни политики во последниот квартал се очекува пречките да бидат надминати. Според него, Кина сè уште е во фаза на голем потенцијал за закрепнување, но потенцијалот сѐ уште не достигнал максимум, што додава поголем мотив за домашните политичари да преземат понатамошни чекори за зајакнување на втората по големина економија во светот.
Џанг Суеву, шеф на Одделот за анализа и предвидување цени во Центарот за мониторинг на цени, кој е дел од Националната комисија за развој и реформи, највисокиот економски регулатор во земјата, рече дека како што економијата продолжува да се подобрува, побарувачката на потрошувачите постојано ќе закрепнува во претстојниот период, изградбата на инфраструктурата ќе влезе во екот на сезоната, а побарувачката за корпоративно производство, исто така, дополнително ќе се зголеми.
Со помош на мноштво владини мерки за поддршка на растот спроведени неодамна, кинеската економија постепено се подобрува со знаци на зголемување на економската активност. Податоците од медиумската групација „Каисин“ покажаа дека кинеското индустриско производство повторно забележало експанзија во август поради подобрувањата на понудата и побарувачката. Индексот за индустриско производство во приватниот сектор на Кина се искачи на 51 во август од 49,2 во јули.