Во Германија и во Франција, четврта доза ќе можат да примат лицата изложени на висок ризик од болеста

Ставови на европските држави во однос на протоколите за вакцинирање против ковид-19

Некои од европските влади ги изразија своите ставови речиси во приближно исто време со оние на Европската агенција за лекови (ЕМА), која на средината на јануари соопшти за можна употреба на четвртата доза на вакцината против ковид-19 за најранливите категории. Другите земји, како што се Австрија, Хрватска, Албанија, Словенија, Бугарија и Чешка, немаат донесено официјална одлука за четвртата доза, но во некои случаи тоа се должи на ниското прифаќање на веќе утврдените дози. Меѓутоа, општ тренд на нормализирање на вакцинациите може да се забележи во неколку земји, со што се става крај на тековните кампањи за масовно вакцинирање.

Каде се дава четврта доза?

Во Франција, шефот на вакцинациската кампања Ален Фишер на почетокот на овој месец пред комисијата на Сенатот рече дека „нема елементи во корист на четвртата доза“. Слично на тоа, Елизабет Буве од високите здравствени власти претходно минатиот месец рече дека „воопшто не е сигурно дали ќе треба четврта доза“, иако „луѓето што се изложени на висок ризик, а особено оние со намален имунитет и кои не реагираат на вакцинацијата, сигурно ќе треба да примат четврта доза за да им се стимулира имунитетот, а тоа веќе се прави“.
До сличен заклучок дојде и Германија. Комитетот за вакцинација на земјата препорача четврта доза само за специфични, особено ранливи или изложени групи, вклучувајќи ги и постарите од 70 години, лицата во установите за нега, како и имунокомпромитираните, но и работниците во здравствениот сектор.
Шпанија ја одобри четвртата доза во јануари за групата што опфаќа пациенти со посериозни болести или за лицата со нарушен имунитет.

Само со препорака

Во Полска, Министерството за здравство објави препораки за примање на четвртата доза на почетокот на месецот. Имунокомпромитираните може да добијат четврта доза најмалку пет месеци по примањето на третата, откако ќе добијат препорака преку дигиталниот систем.
Во Унгарија четвртата доза е достапна само по препорака на лекар, а законската регулатива им дава целосна слобода на одлучување. Сепак, експертите предлагаат да се препорача четврта доза за лица со слаб имунитет над 60 години што веќе се примарно имунизирани и последователно добиле една вакцина признаена од Европската Унија (ЕУ), како и здравствени работници од висок ризик, односно што работат во ковид-центрите.
Владата на Португалија одлучи да заземе поинаков став, поднесувајќи во декември заедничко барање до ЕУ за нова вакцина приспособена на варијантата омикрон, во случај да биде потребна четврта доза. Во автономниот регион Мадеира, регионалните власти објавија дека четвртата доза ќе им биде дадена на сите оние над 16 години што се со нарушен имунитет, онколошки заболувања, пациенти на дијализа и приматели на трансплантација.

Сè уште нема одлука за дополнителни дози

Италијанските институции сè уште не даваат јавна процена за ранливите категории, но директорот на италијанската агенција за медицина (АИФА), Никола Магрини, изјави дека „нема да има четврта доза“. Магрини објасни дека луѓето треба да се навикнат на идејата дека вакцината против ковид-19 ќе се дава годишно.
Во Австрија, одговорниот стручен комитет сè уште не одлучил дали ќе биде неопходна четврта или годишна доза.
Иста е состојбата и во Хрватска, каде што стапката на вакцинација сè уште е особено ниска.
За дополнителни вакцини не се зборува ниту во Албанија, а системот за управување со вакцинацијата во земјата моментално не го олеснува внесувањето на четвртата доза. За ова прашање сè уште нема јавна дискусија, а Владата не навести никакви планови. Стапките на вакцинација остануваат ниски, а заинтересираноста за третата доза е многу мала. Генерално, ковид-19 повеќе не е тема на разговор во Владата или во општеството.
Во Словенија многу малку се зборува за четвртата доза, што не е изненадување, бидејќи земјата има една од најниските стапки на вакцинација во ЕУ. Претседателката на владината советничка група за ковид-19, Бојана Беовиќ, на почетокот на јануари рече дека земјата размислува за воведување четврта доза достапна шест месеци по примањето на третата и одлуката најверојатно ќе биде донесена во март. Не се споменуваше дали ќе биде општо достапна или ограничена на одредени високоризични групи.
Слично, Бугарија нема препораки и нема став или планови за четвртата доза. Некои медицински експерти предвидуваат можна вакцинација секоја година за постарите лица и за луѓето во ризик, слично на вакцините против грип.
Исто така, во Чешка нема дискусија за четвртата доза, а Министерството за здравство нема издадено никакво соопштение или коментар на оваа тема. Само неколку независни експерти рекоа дека тоа може да биде проблем во иднина, но само за ранливите групи.

Подготвиле: Марјан Велевски; Билјана Здравковска