Фото: Емил Јовановиќ

Во период од три дена, од десетти до тринаесетти месецов, припадници на Единицата за брзо распоредување од Одделот за специјални полициски операции презедоа мерки на засилено набљудување и оперативен надзор на поширокиот реон на подрачјето на СВР-Охрид. Во рамките на активностите беше извршено патролирање во водите на Охридско Езеро, меѓу другото и заради пребарување на теренот за заштита на рибниот фонд во езерото. Резултатите од полициската акција само го потврдија она што нашиот весник долго време предупредува, регистрира, апелира: Охридско Езеро безмилосно се девастира! Неопходни се инстантни, решителни и ефикасни мерки нашиот национален бисер да излезе од агонијата во која сами го вовлековме!

УШТЕ ЕДЕН АПЕЛ ДА ЗАПРЕ НЕПРЕКИНАТОТО УНИШТУВАЊЕ НА РИБНИОТ ФОНД ВО ОХРИДСКО ЕЗЕРО

Истребувањето на рибниот фонд, агресивното ловење на пастрмката и другите видови риби не само што го уништуваат најстарото езеро во Европа туку таа постапка од сите нас направи вандали од најсуров тип. Почнувајќи од оние што активно го девастираат Охридско Езеро, завршувајќи со оние што немо го набљудуваат тоа и не преземаат никакви мерки да му се стави крај на тоа дивеење. Сосема мал зрак светлина во темнината на „црната дупка“ во која е вовлечено нашето Охридско Езеро се сѐ почестите акции на езерската полиција. Но дали тие акции се доволни да се запре лавината на уништувањето на езерото. Очигледно, не!

НОВА АКЦИЈА ЗА ФАЌАЊЕ РИБОКРАДЦИ

Само пред неколку дена, во водите на Охридско Езеро се пронајдени и одземени рибарски мрежи во должина од илјада метри.
Во период од три дена, од десетти до тринаесетти месецов, припадници на Единицата за брзо распоредување од Одделот за специјални полициски операции презедоа мерки на засилено набљудување и оперативен надзор на поширокиот реон на подрачјето на СВР-Охрид.
Во рамките на активностите беа извршени патролирање во водите на Охридско Езеро и пребарување на теренот за заштита на рибниот фонд во езерото, пронаоѓање лица што илегално ја минуваат државната граница, како и лица сторители на други кривични дела.
– Како резултат на преземените мерки и активности во водите на езерото се пронајдени и извадени осум рибарски мрежи, со различни димензии, со вкупна должина околу илјада метри. Пронајдените и одземени мрежи ѝ се предадени на Полициската станица за граничен надзор Охридско Езеро – информираа од Министерството за внатрешни работи.

КАКО ДА МУ СЕ СТАВИ ТОЧКА НА КОНТИНУИРАНОТО УНИШТУВАЊЕ

За жал, оваа акција не е ниту прва ниту последна што се реализирала и ќе се реализира во водите на езерото. Неброени пати досега „Нова Македонија“ пишуваше, анализираше на оваа тема, па дури и со своја новинарска истражувачка екипа реализира мини-акција, во која ги регистрира непосредно рибокрадците и купувачите на риба.
Сепак, за жал, се чини дека ништо од тоа не дава резултати. Карванот си врви, односно, продолжува голготата на животинскиот и растителниот свет во Охридско Езеро.
Она што рибокрадците не можат да го разберат или барем не сакаат е фактот дека не го убиваат само живиот свет туку со фрлањето на мрежите, неконтролираното заловување на разни начини на рибата, го уништуваат и природниот биодиверзитет во езерото, кој е единствен и уникатен и го има само во неговите води.
Пред некое време, загрижени граѓани од Охрид и од Струга револтирано изјавија дека ова што му се случува на Охридско Езеро е еднакво на катастрофа, особено нагласувајќи дека се заловуваат риби во мрест и малечки, заради кои неповратно се сотрува езерото.
– Ова што во моментот се случува тука е рамно на катастрофа. Езерото е речиси пред уништување. Се ловат сите видови риба, почнувајќи од пастрмката, која буквално е пред истребување. Секој ден рибокрадците извлекуваат меѓу 100 и 200 килограми пастрмка, најголем дел од нив е рибен подмладок, попознат во рестораните под името „стрвки“. Ако ти безмилосно го уништуваш подмладокот на оваа риба, ништо нема да остане од неа – неодамна изјавија тие за „Нова Македонија“.
Според нив, причините за ваквата состојба се во недоволната широка општествена ангажираност, не само на државата туку на многу чинители, од поединци до институции на државата, да се заземат за зачувување на рибниот фонд и на самото Охридско Езеро. За загрижените граѓани е просто несфатливо толкаво езеро да се остави толку долг период без концесионер, а рибокрадството, наводно, да го спречуваат пет-шест чувари.

[email protected]