Истражување на Југов регистрира пад на популистичките тенденции во 2020 година во осум испитувани европски земји

Поддршката за популистичките верувања во Европа значително опадна во текот на изминатата година, покажува едно големо истражување на Југов. Проектот „Глобализам Југов-Кембриџ“, истражување спроведено врз околу 26.000 луѓе во 25 земји, дизајнирано во соработка со „Гардијан“, покажа стрмен пад на популистичките тенденции во 2020 година во осум европски земји, кои се испитани и лани.
Политичките научници се изненадени од големината на падот, но нагласуваат дека главните причини за тоа најверојатно се поврзани со пандемијата на коронавирусот, како и дека поддршката за популистичките верувања може да се зголемува, бидејќи фокусот на кризата се врти кон економијата.
– Може да мислите за вирусот како вулкан. Тој силно го погоди популизмот, но ќе остави зад себе плодна почва за во иднина – вели Матијас Родујн, политички социолог од Универзитетот во Амстердам и експерт за популизам.
Популизмот, кој ја дефинира политиката како битка помеѓу обичните луѓе и корумпираните елити, рапидно расте како политичка сила, со поддршка за популистичките партии на националните избори низ Европа, која се зголеми од седум отсто на повеќе од 25 отсто за 20 години.

Истражувањето, спроведено во јули и август, покажа дека во Британија, Данска, Франција, Германија, Италија, Полска, Шпанија и Шведска, но и за споредба во Австралија, Канада и во САД, помалку луѓе се согласуваат со изјавата дека „моќта на неколку посебни интереси ја спречува нашата земја да напредува“.
Во некои земји падот беше значителен – од 33 отсто на 22 отсто или 11 отсто во Данска, девет отсто во Британија, девет отсто во Германија, осум отсто во Франција, шест отсто во Италија и четири отсто во Полска.
Истражувањето покажа слични падови на поддршката за други изјави дизајнирани за мерење на поддршката за популистичките убедувања, вклучувајќи пад од 20 отсто во Данска и 15 отсто во Германија, за ставот дека „многу важни информации намерно се кријат од јавниот интерес“.
Значителни падови се забележани и во поддршката на ставот дека „мојата земја е поделена на обични луѓе и на корумпирани елити кои ги експлоатираат“ – 11 отсто во Данска, девет отсто во Германија, седум отсто во Италија и пет отсто во Франција.
Истражувањето откри помал пад на поддршката за изјавата „волјата на народот треба да биде највисок принцип на политиката на оваа земја“, намалување од три отсто во Германија, два отсто во Италија и осум отсто во Полска.

Но нивото на поддршка за овој и за другите популистички ставови сепак останува високо во неколку земји. Во седум од осумте испитани европски земји, меѓу 60 и 74 отсто од испитаниците изјавиле дека се согласуваат дека треба да преовладува „волјата на народот“.
Големи разлики остануваат и меѓу одделни земји. Педесет и шест проценти од испитаниците во Франција и 66 отсто во Шпанија, на пример, се согласија дека нивната земја е поделена меѓу обичните луѓе и корумпираната елита, наспроти 34 и 18 отсто во Шведска и Данска.
Родујн вели дека резултатите од истражувањето се слични со анкетите за поддршка на популистичките радикални десни партии во изминатите неколку месеци. Тој гледа неколку главни причини за падот на поддршката за популистичките идеи, сите поврзани со пандемијата на ковид-19.
– Има докази за поголема доверба во науката, политичарите и експертите и впечаток дека само тие можат да ни помогнат. Можеби перцепцијата е дека глобалната здравствена криза не е момент кога сакаме да им ја вратиме власта на луѓето – вели тој.

Популистичките партии во многу земји страдаа од повикот за единство што ја зголеми поддршката за владите, додека нивната популарност е намалена поради неможноста да одржат конзистентен став за справувањето со коронавирусот.
Конечно, според Родујн, кризата значеше дека популистичките партии и нивните идеи едноставно добија многу помалку внимание, особено во раните фази. Сепак, тој предупредува дека ова е само веројатно привремено затишје.
– Работите веќе се менуваат доста брзо со вториот бран. Теориите на заговор растат, а јавноста е уште повеќе поларизирана поради мерките што ги преземаат владите. Тоа е можност за популистите. Неколку популистички радикални десни партии веќе имаат подобри резултати на анкетите – вели тој.
Истражувањето откри дека иако луѓето генерално се оддалечуваат од верувањето дека штетите од имиграција се поголеми од придобивките, ставовите кон имиграцијата – клучно политичко прашање за сите европски екстремно десни популистички партии – се зацврстиле во текот на изминатата година.
Во САД, Канада, Австралија, како и во пет земји на ЕУ, процентот на луѓе кои се согласуваат дека „штетите од имиграција ги надминуваат придобивките“ за нивната земја се намалил во 2020 година во споредба со лани, за седум отсто во Франција и Италија и за пет отсто во Германија.

Сепак, прашани за идната имиграција во нивните земји, поголемиот дел од испитаниците во седум од осумте испитани европски земји велат дека треба да се намали бројот на имиграција. Во Франција, 51 отсто од испитаниците изјавиле дека имиграцијата треба да се намали во иднина, во споредба со 36 отсто лани. Антиимиграциските чувства се најсилни во Шведска, каде што 65 отсто од испитаниците изјавиле дека треба да се дозволи помалку имигранти во земјата во иднина, наспроти 58 отсто минатата година. Бројките се слични и во Италија, каде што 64 отсто од анкетираните се согласуваат дека треба да се намали имиграцијата, наспроти 53 отсто лани.
Земјата со далеку најсилни антиимиграциски чувства е Грција, која е вклучена во истражувањето прв пат во 2020 година. Четири од пет испитаници сакаат да се намали имиграцијата, при што 62 отсто велат дека таа треба да се намали „многу“.
Меѓу испитуваните европски земји, само Полска е спротивна на овој тренд, при што 32 отсто од луѓето таму велат дека имиграцијата треба да се намали во иднина, во споредба со 37 отсто во 2019 година.
Родујн вели оти е можно да има „ковидизација“ на имиграциските ставови, поттикнато од искуствата на луѓето со карантинот и од нивните стравови за последиците од имиграцијата во иднина во однос на ризиците и системите на јавно здравје.