Коронавирусот принуди многу невработени или отпуштени лица да прифатат необични работни места за да преживеат

Предизвици за преживување во време на пандемија

Додека карантинот ги блокира работниците во нивните слободи и тие беа принудени да продолжат да работат во своите импровизирани домашни канцеларии, во исто време натера некои од нив да одморат од својата кариера и да почнат да извршуваат некои чудни и несекојдневни работи за нив.
Дваесет и осум проценти од Европејците изјавија дека привремено ги изгубиле своите работни места од почетокот на кризата, според едно истражување. Ситуацијата по сѐ изгледа само се влошува, бидејќи земјите се подготвуваат на секој начин да ја запрат невработеноста. На пример, Шпанија проценува дека 19 отсто од нејзиното работоспособно население ќе биде без работа оваа година. Невработеноста во Европа би можела да се зголеми речиси двојно во 2020 година, а околу 59 милиони работни места во исто време се изложени на ризик, покажува една анализа.

Ана Томас, директорка на Институтот за иднина на работата, вели дека корона-кризата ќе придонесе за промени во пазарот на трудот.
– Ќе ни претстои зголемување на работата преку интернет, но сето тоа нема да биде со добар квалитет и со доволно заштита, особено не во услови на шок – вели Томас.
Некои работници веќе почнаа да бараат начини да направат брзи пари. „Ап џобс“ е платформа за хонорарна работа, која забележа зголемување од 300 проценти на барателите на работа на глобално ниво само во март. Во меѓувреме, други се принудени да размислуваат надвор од рамката за тоа како да реинвестираат во своето професионално надградување.

Европската комисија е во процес на воспоставување паневропска шема за реосигурување на невработените, вредна дури 100 милијарди евра. Но дотогаш луѓето од различни професии ќе мора да се снаоѓаат во овие тешки времиња и да најдат начин како да преживеат или да ги исполнат поставените цели.
Кога почна да се шири коронавирусот, Џоана Џолсон беше заглавена на брод за крстосување. Џолсон и нејзиниот партнер работат како музичари, честопати поминуваат долги делови од годината настапувајќи на море. Како што напредуваше кризата со ковид-19, свирките и резервациите на копно, но и идните резервации на бродовите се откажаа.

Џолсон, која е во процес на купување куќа, сакаше да најде пари за да си ги покрие трошоците. Таа имаше среќа во нејзиниот локален супермаркет, кој е на пет минути по патот од нејзината куќа во Девон, Англија. Супермаркетот беше во очајна потрага по нови работници, кога постојните работници требаше да се изолираат.
Џолсон се нафати на позицијата продавач на нарачки преку интернет, и тоа во екот на паниката за купувањето.
– Ако некој ми кажеше пред една година дека ќе работам во супермаркет, ќе му речев дека нема шанси – вели таа.
Џолсон тврди дека позитивното искуство ѝ ги отворило видиците.

– Супермаркетот има многу сличности со животот на брод. Тоа е голема продавница, има различни оддели, уживав во тоа многу повеќе отколку што мислев. Она што ме научи работата овде е дека навистина е прекрасно да може да ѝ служите на вашата заедница и да бидете на едно место – додава таа.
Кога ќе се укине карантинот, Џолсон смета дека луѓето ќе помогнат многу повеќе за да заживее културата во нивните животи.

– Дали ќе изберете да одите во паб, каде што има жива музика, или ќе изберете да гледате концерт во живо наместо да гледате филм дома, ќе треба заедниците да создадат услови во иднина парите и времето на сограѓаните да се трошат локално – вели Џолсон.
Таа нагласува оти чувството да се биде музичар е прекрасно.
– Кога ја одбрав мојата професија, не ја одбрав поради економската причина, туку поради страста – рече таа.

Ако работите не се вратат во нормала во скоро време, Џoлсон се надева дека ќе го продолжи својот работен договор и по јуни.
– Не сум премногу горда што заработувам за да преживеам – вели таа.
Пандемијата на ковид-19, исто така, им даде простор на луѓето да ги променат своите животи, посочува Вели-Пека Сивоја, кој во Шпанија работеше како фризер кога почна пандемијата, а фризерите низ светот поради кризата беа принудени буквално да ги затворат ножиците. Сивоја заминал дома, во Финска. Тој помина три недели во село во карантин размислувајќи за тоа што сака да направи во иднина.
– Има премногу салони и многу луѓе живеат од тој бизнис – вели Сивоја.
Тој смета оти субвенциите на владите треба да се фокусираат на компаниите со здрав приход.
– Владите треба да им помогнат на деловните субјекти што имаат капацитет да вработуваат луѓе – нагласува тој.
Една од мерките за помош на финската влада е да им даде грантови и бенефиции за вработување на претприемачите. Сивоја ја искористи владината мерка и во меѓувреме паузира со довчерашниот бизнис и почна да развива нови деловни идеи. Тој сега работи како деловен консултант, кој им помага на компаниите да најдат партнерства, а исто така се пријавил и како волонтер во локалниот дом за деца без родители.

Но она што е најважно за Сивоја е дека пандемијата ја истакна вредноста на природата. Оваа состојба го инспирира тој во исто време да основа и туристички бизнис во финскиот крајбрежен град Калаоки.
– Луѓето во иднина двапати ќе размислат пред да полетаат за да одат на одмор некаде на плажа и можеби, наместо тоа, сега ќе се одлучат да ја изберат локалната плажа – објаснува Сивоја.
Тој вели дека коронавирусот му дал сила да се осмели да ги направи работите што всушност посакувал да ги стори во минатото.