Фото: ЕПА

Нов државен инвестициски фонд (од 300 милијарди јуани) за секторот за производство на полупроводници

Според реномираниот „Ројтерс“, Кина подготвува нов државен инвестициски фонд што треба да собере околу 40 милијарди долари за секторот за производство на полупроводници и да го поддржи планот за самодоволност во клучните технологии. Новиот фонд би требало да има волумен од приближно 300 милијарди јуани (41 милијарда долари), надминувајќи ги претходните фондови основани во 2014 и 2019 година, кои според владините извештаи собрале 138,7 милијарди во првиот и 200 милијарди јуани во вториот фонд.
Производството на чипови ќе биде меѓу главните области на инвестиции, велат за „Ројтерс“ добро информирани извори, и најверојатно ќе биде најголемата од тричлената група формирана од Кинескиот инвестициски фонд за секторот за интегрирани чипови, попознат во јавноста како Големиот фонд.
Кинеските власти го одобрија новиот фонд во последните месеци, потврдија споменатите извори од „Ројтерс“. Според нив, Министерството за финансии планира да уплати 60 милијарди јуани во фондот, а другите инвеститори сѐ уште не се познати.
Процесот на собирање пари најверојатно ќе потрае неколку месеци, а не е дефиниран прецизно датумот кога фондот ќе биде лансиран или дали плановите ќе бидат променети.
Инвеститорите во двата фонда формирани од инвестицискиот инструмент на индустријата ги вклучуваат Министерството за финансии и крупните државни компании, како што се Кинеската банка за развој, Кинеската национална тутунска корпорација и Кинескиот телеком. Според изворите, приматот на Кина на светско ниво во оваа област е несомнен, а со овој фонд таа прави уште еден крупен исчекор напред, далеку пред своите конкуренти од светот.