Фото: Маја Јаневска-Илиева

Разговор за актуелни теми со м-р Александар Јорданоски, лингвист и експерт за заштита на културното наследство

Неодамна Европската комисија за расизам и нетолеранција во најновиот извештај за состојбите во Македонија нотираше забелешки за нетолеранција кон оние што се чувствуваат како Бугари во земјава и за укинувањето на здруженијата што беа именувани со имиња на фашистички соработници, но нема забелешки за оспорувањето на македонскиот идентитет од бугарска страна, кој се случува во континуитет во различни облици. Тоа беше повод да поразговараме за оваа и за други актуелни теми со м-р Александар Јорданоски, лингвист и експерт за заштита на културното наследство, кој и досега во повеќе наврати има зборувано за нашиот весник на теми што се однесуваат на македонскиот идентитет.

Господине Јорданоски, со оглед на тоа што во нашиот медиум повеќепати се имате изјаснето за идентитетски теми од Ваш агол на гледање, како лингвист и експерт за заштита на културното наследство, како гледате на оваа нотација во извештајот.
– Ќе се обидам да не одговорам дневнополитички, бидејќи оспорувањето на македонските идентитетски признаци од страна на источниот сосед е нивна долгорочна стратегија, би можел да кажам и начин на живеење, лајтмотив на нивното постоење. Ваквата нотација во извештајот на Европската комисија за расизам и нетолеранција ја сметам како еднострана, како една од многуте редовни активности на Бугарија, во конкретниов случајов преку индиректни методи (маша метод) во нивната одамна утврдена агенда за пропагандно докажување пред светот дека Македонците се вештачка творба. Тоа е основата, а сѐ друго е варијација на тема. Но за да не се навраќам на дневни јавни поединости, ќе нагласам дека нашиот источен сосед со две свои дефинирања на македонскиот јазик, „дијалектна форма на бугарскиот јазик“ и „писмено регионална норма како дел од бугарскиот јазик“, директно ги повредува чувствата на Македонците, но тоа не е нотирано во извештајот.
Минатата година бев поканет од проф. д-р Јеленка Пандуревиќ од Катедрата за србистика при Филолошкиот факултет во Бања Лука да бидам рецензент на научниот труд „Местото и значењето на јазикот во нематеријалното културно наследство“, публикуван во тематскиот зборник на трудови „Наследство и идентитет(и)“, издание на Филолошкиот факултет од Бања Лука и Центарот за фолклористика и студии за културата – Бања Лука, чиј е автор е д-р Биљана Сикимиќ од Балканолошкиот институт при Српската академија на науките и уметностите. Во оваа пригода ќе пренесам дел од рецензијата за да дадам одговор, од научен аспект, за опседнатоста на нашиот источен сосед со македонското постоење, во чие средиште е македонскиот јазик.
Научниот труд „Местото и значењето на јазикот во нематеријалното културно наследство“, посветен на местото и значењето на јазикот како нематеријално културно наследство, дава една согледувачка точка на практикувањето на јазикот како дел од нематеријалното културно наследство врз основа на Конвенцијата за заштита на нематеријалното културно наследство. Имено, направен е еден временски пресек на досегашните практики во повеќе земји, како и ставот на УНЕСКО, носителот на Конвенцијата, во однос на јазичните прашања што се составен дел од овој вид културно наследство.
Во самата Конвенција јазикот е дефиниран во членот 2 алинеја 1 „усна традиција и изразување, вклучувајќи го и јазикот како пренесувач на нематеријалното културно наследство“. Поаѓајќи од оваа дефиниција, се нуди широк и неограничувачки спектар на заштита и во одделните национални модели на заштита и во однос на различните листи на УНЕСКО. Оттука, ставот на УНЕСКО сметам дека е ограничувачки кога заштитата се нагласува на „специјалните јазици“, изложен во делот „2. Ставот на УНЕСКО“, бидејќи секој јазик, односно дијалeктните варијанти на секој јазик, за секоја земја, се национално нематеријално културно наследство. Но кога станува збор за впишување јазични елементи на листите на УНЕСКО, тука во никој случај не би требало да бидат вклучени дијалектите на јазиците, бидејќи секој јазик, односно неговите дијалекти имаат еднаков влог во севкупниот јазичен диверзитет на планетата Земја, но би требало да се биде приемчив за раритетни и единствени примери на јазични облици, односно посебности приложени во деловите „2.2. Свиркани облици на јазикот“ и „2.3. Синхрона диграфија“, а како примери наведени во: Турција, Канарските Острови, Грција, Франција (Пиринеите). Овде не ги вбројувам стандардизираните јазични облици, бидејќи тие по дефиниција се работа на договор (конвенција), избор на дијалектни подрачја од кои ќе се создаде стандардизираната јазична норма, а кои се случиле во одредено општествено созревање на одредена земја.

Оттука, ќе се согласам со Андреа Бернини, светски теоретичар за зачувување на нематеријалното културно наследство, каде што ги нагласува новите светски процеси, медиумите и поп-културата, што е блага форма на именување на глобализмот, како опасност што демне врз светскиот културен диверзитет. Согледувајќи ги различните аспекти на јазичната загрозеност, би требало терминот „загрозеност“ да се дефинира и пошироко и во повеќе ставки, што, пак, е особено значајно за легислативата во делот „поимник на термини“.
Поаѓајќи од самата дефиниција на Конвенцијата на УНЕСКО, последователно наведувајќи ги усната традиција и изразување, вклучувајќи го и јазикот, всушност во јазикот се препознава колективниот менталитет, психологија на расудување на еден народ. Оттука, сметам дека дијалектите на секој јазик се спонтаниот и паралелен следбеник на сиот тој нарав, односно народна традиција, т.е. органски нераскинлив дел. Дијалектите на секој јазик, создавајќи се низ природниот и спонтан филтер на времето, всушност, се ментална и јазична стратиграфија на секој народ. Гледајќи ја јазичната стратиграфија, се доаѓа до најстариот стратум на јазикот – топонимите, кои претставуваат првата врска меѓу местото и околината на живеење на одредена заедница (колектив), понатаму во историјата именувани како народ, нација, етнос итн. Овој позитивен и јазично длабински приод е забележан во националните модели на заштита на нематеријалното културно наследство во Хрватска и во Македонија.
Во истиот правец размислува и Џесика Ајхлер, каде што го истакнува моментот дека јазиците се нераскинлив дел од практикувањето на нематеријалното културно наследство во Јужна Америка, а како пример ги посочува фестивалите на Андите. Овој момент само ја потврдува далековидоста на јужноамериканскиот културолошки поглед на светот, бидејќи на меѓународно рамниште, во рамките на УНЕСКО, идејата за заштита на нематеријалното културно наследство е поведена од страна на Боливија во 1973 година. Ако се анализира подлабоко, Европа, како лулка на цивилизациите, овде потфрла.
Во делот, пак, „Национални нивоа на заштита на јазикот во рамките на нематеријалното културно наследство“ се обработени националните модели на заштита на нематеријалното културно наследство, со посебен осврт кон јазичните елементи од овој вид културно наследство во: Македонија, Хрватска, Словенија и Црна Гора. Сите модели имаат сличности и имаат исцрпен преглед, секој на свој начин, на јазичните елементи во областа на нематеријалното културно наследство. Она што ги разликува е различниот пристап, односно методологија на непосредна заштита на јазичните елементи: top down македонскиот модел VS bottom up кај моделите во Хрватска или Словенија. Независно од изборот на конкретниот пристап, и двете методологии овозможуваат системско покривање на јазичните прашања за заштита. Во однос на македонскиот модел, ќе се осврнам на специфичноста на загрозеноста на дијалектниот систем. Имено, Законот за заштита на културното наследство има ограничувачки фактор поврзан со државната граница, а дијалектите на македонскиот јазик излегуваат и надвор од границата на Македонија: егејските дијалектни зони во Грција со 105-110 дијалектни пункта (солунско-воденски, односно долновардарски говори, серско-лагадински говори, костурски говор и нестрамско-костерински говор); пиринските дијалектни зони во Бугарија со 26 дијалектни пункта (малешевско-пирински и дел од серско-лагадинските говори) и во делот на Албанија со 10 дијалектни пункта (корчански говор) и еден мал дел во Косово, во областа Гора, кај исламизираното македонско население, со 2 дијалектни пункта (горнополошки говори) (Македонски дијалектен атлас. ИМЈ „Крсте Мисирков“. Скопје, 2008).
Актуелниот политички амбиент на Македонија во однос на Грција и Бугарија, со нивното проблематизирање на националниот идентитет, вклучувајќи го и македонскиот јазик, е дополнителен аргумент плус во однос на потребата од дефинирање на терминот „загрозеност“ кога се однесува на јазичните прашања, а се дел од Конвенцијата за заштита на нематеријалното културно наследство. Бугарската политика оди и чекор понатаму, кога тврди дека македонскиот јазик е дијалектна форма на бугарскиот јазик, односно писмено регионална норма како дел од бугарскиот јазик. За жал, ваквите изјави нималку не соодветствуваат на нивото од изградена научна мисла!
Очигледно е дека на ваков научно аргументиран и сеопфатен одговор тешко може да продре пропагандната политика од бугарска страна што се однесува на македонското идентитетско оспорување…
– Добро рековте, „пропагандна политика“, науката ваквите дејствувања таму и ги сместува, а најмалку во науката. Еве, со уште едно мое дејствување ќе ви кажам дека науката е побавна, но долгорочно ги постигнува ефектите. Минатата година објавив книга со наслов „Дијалектите на македонскиот јазик како нематеријално културно наследство – стручно-правни аспекти“, научен труд повторно препознаен од д-р Биљана Сикимиќ од Балканолошкиот институт при САНУ, така што книгата си доби свој приказ во тематскиот зборник на трудови „Современа српска фолклористика Х“, издание на Здружението на фолклористи на Србија, Универзитетска библиотека „Светозар Марковиќ“ од Белград и културниот центар „Топола“. Ова значи дека науката мошне внимателно ги забележува аргументираните потврдувања, особено за вакви чувствителни теми на Балканот, дополнително засновани и на позитивни правни темели.
Врз основа на Вашиот приод кон работите, каде го гледате излезот од ваквиот заплет на односите, кој го достигна степенот на Гордиевиот јазол?
– Прво, заплетот на односите настана затоа што македонската страна воопшто прифати да разговара за сопствениот македонски идентитет! Тоа е исто како да си го проблематизирате своето индивидуално постоење! За такви нешта едноставно не се разговара, уште помалку се преговара. А излезот го гледам во посветената работа на нашето индивидуално и колективно Јас, гласност и аргументирана поткрепа во искажувањето на сопствените ставови и, што е најважно, истрајност во сето тоа.
Ви благодарам за овој разговор, со кој отвораме актуелни идентитетски теми образложени од Вас со поинаква перцепција и се надевам на натамошна соработка.
– Ви благодарам и јас за отстапениот простор и, еве, овој разговор нека биде придонес за првиот дневен весник во слободна Македонија во одбележувањето на 20-годишнината од донесувањето на Конвенцијата за заштита на нематеријалното културно наследство во рамките на УНЕСКО (Париз, 2003), меѓународен правен акт што длабоко и суштински навлегува во културолошката идентификација на народите. Р.Н.М.