Растението се користи илјадници години во Азија, а сега може да биде решение за проблемот со одржливоста во градежништвото, пишува Ребека Кернс за „Си-ен-ен“

Со својата цврстина и флексибилност, бамбусот е едно од растенијата кое расте најбрзо во светот и за три години е подготвено за обработка. Откако ќе се обработи, може да трае со децении. Бамбусот традиционално се користи на Филипините за изградба на куќи, од каде што идејата за изградба на нови одржливи домови ја добива Ерл Форлалес. Неговата компанија започна со производство на монтажни домови лани, а структурите можат да се склопат само за неколку дена и е предвидено да траат дури до 50 години. Тој се надева дека модуларниот дизајн на куќите од бамбус ќе помогнат „да се забрза одржливото градежништво“ додека исто така ќе обезбедат поволни решенија за домување. Новите куќи од бамбус вклучуваат многу аспекти на традиционалната филипинска куќа, која мора да биде отпорна на природни катастрофи. Тие се поставени на бетонски темели за да ја обезбедат цврстината, иако бетонот сам по себе не придонесува многу во борбата со климатските промени. Форлалес вели дека компанијата „истражува алтернативни системи за темели, со цел изградбата на домовите во иднина да стане поодржлива“.
Бамбусовите куќи имаат четири модели во кои можат да спијат до шест лица. Секоја куќа се прави по нарачка и може да се приспособи за да вклучува елементи како што се соларни панели на покривот, што дополнително ги намалува тековните трошоци и емисијата на јаглерод на нејзините жители. Компанијата во моментот произведува шест куќи месечно, но Форлалес вели дека побарувачката е многу поголема и се надева дека ќе успее да ја зголеми испораката. Градежната индустрија силно беше критикувана во изминатите години поради влијанието врз животната средина. Употребата на стандардните материјали значително придонесува за емисијата на стакленички гасови, додека екстракцијата на суровини како каменот, карпите и чакалот ја поттикнуваат деградација на почвата и природата. Токму ова беше причината поради која почнаа да се истражуваат поеколошки алтернативи. Во Индонезија, архитектонската фирма „Ибуку“ се специјализира во изградба на згради од бамбус. Фирмата зад себе веќе има изградено одржлива заедница од 12 луксузни вили и зелено училиште. Иако повеќето од нејзините проекти користат обработен бамбус во неговата природна форма, со напредокот на градежниот бамбус во иднина би можело да има облакодери, па дури и цели градови од овој материјал. Бамбусот влезе во градежната индустрија кон крајот на 20 век. Како силен материјал што е обновлив и брзо расте, бамбусот може да го дополни одржливото градежно дрво. Дополнителна придобивка од насадите со бамбус е тоа што помагаат во обновата на деградираните почви и земјиште