Фото: Горан Анастасовски

Се смета дека родот пантера се појавил на азискиот континент, а потоа предците на леопардот и на другите мачки мигрирале на африканскиот континент. Фосилните остатоци од предците на леопардот може да се датираат од пред околу 2-3,5 милиони години. Овие примероци наликуваат на примитивните јагуари, додека за денешниот леопард научниците веруваат дека еволуирал во Африка пред околу 470.000–825.000 години, а потоа се раширил низ Азија пред околу 170.000–300.000 години

Старите народи верувале дека леопардот е хибрид помеѓу лав и црн пантер, а оттука и потекнува неговото име, односно од грчките зборови λέων (леон) – „лав“ и πάρδος (пардос) – „мажјак пантер“. Ова животно спаѓа во семејството на мачките (Felidae) и е најмал вид од четирите големи мачки од родот пантери. Затоа зборот пантер се користи при опишување неколку вида големи мачки, конкретно во Северна Америка изразот се употребува за пумата, во Јужна Америка за јагуарот, а во другите делови на светот се однесува на леопардите.
Во минатото, леопардот бил распространет низ јужна Азија и Африка, од Корејскиот Полуостров до јужна Африка. Но со текот на времето, неговата територија се намалувала, а причини за тоа биле ловот и уништувањето на неговото природно живеалиште. Денес леопардот главно живее во супсахарска Африка (подрачје во Африка што се наоѓа јужно од Сахара), но постојат и изолирани групи во Пакистан, Индија, Индокина, Малезија и Кина. Поради намалување на бројноста на групите, оваа мачка била ставена на списокот на речиси загрозени видови. Бројноста на леопардот е поголема од онаа на другите членови на пантерите што имаат покритичен заштитен статус.
Леопардот има релативно кратки нозе и долго тело, со голема глава. Физички најмногу наликува на јагуарот, иако најчесто е помал. Неговото крзно е прошарано со розети, кои немаат внатрешни точки како кај јагуарот. Можат да се сретнат и меланистични леопарди, кои или се целосно црни или со многу темна боја. Овие единки се познати под името црни пантери. Успехот на оваа мачка во дивината се должи на нејзиниот опортунистички лов, способноста да се приспособи на различни животни средини и способноста да се движи со брзина од 60 километри на час. Леопардот се храни со кое било животно што може да го улови. Живеалиштето на леопардот е од дождовните шуми до пустинските терени. Нивната еколошка улога и статус наликува на улогата на пумата во Америка.

Како целото семејство на мачките, и родот пантери бил предмет на многу промени и дебати за врските меѓу четирите вида (но и врските со облачниот леопард и снежниот леопард), кои сè уште не се целосно разјаснети. ДНК-доказите покажуваат дека лавот, тигарот, леопардот, јагуарот, снежниот леопард и облачниот леопард делат заеднички предок, кој се одвоил од другите мачки пред околу 11 милиони години. Но, според фосилните остатоци, ова одвојување на лозата било пред само 2-3,8 милиони години.
Истражување на митохондриската ДНК спроведено во 2005 година укажало дека леопардот е најблизок роднина со снежниот леопард, за кој се смета дека треба да биде дел од родот пантера. Друго истражување од 2006 година исто така го поддржува преместувањето на снежниот леопард во родот пантери, иако се тврди дека снежниот леопард е најблиску поврзан со тигарот. Се смета дека леопардот се одвоил од лозата пантери по одвојувањето на снежниот леопард и тигарот, но пред лавот и јагуарот. Постари истражувања тврдат дека леопардот е најблизок со лавот или јагуарот. Во 2001 година, едно истражување покажало дека овој вид се одвоил заедно со лавот.

Д.Ст.


Подвидови на леопардот

Првите подвидови на леопардот се опишани од Карл Линеј во 18 век, а во почетокот на 20 век, според Реџиналд Пакок, вкупната бројка на подвидовите изнесувала 27. Меѓутоа во 1996 година, бројката е намалена на само осум подвида поради ДНК-анализите. По истражувањата во 2001 година биле зачувани осумте подвида, но бил додаден и деветти — арапскиот леопард (P. pardus nimr).
Последниот список на подвидовите на леопардот се: индокинески леопард (P. pardus delacouri) – копнена Југоисточна Азија, индиски леопард (P. pardus fusca) – Индија, југоисточен Непал и северен Бангладеш, севернокинески леопард (P. pardus japonensis) – Кина, шриланечки леопард (P. pardus kotiya) – Шри Ланка, јавански леопард (P. pardus melas) – Јава, амурски леопард (P. pardus orientalis) – рускиот Далечен Исток, северна Кина и Кореја, африкански леопард (P. pardus pardus) – Африка, персиски леопард (P. pardus saxicolor) – југозападна Азија, арапски леопард (P. pardus nimr) – Арапски Полуостров и занзибарски леопард (P. pardus adersi) – ендемски вид на островот Унгуја во Занзибарскиот Архипелаг.