Од творештвото на писателот за деца Перо Миленкоски (7)

Драги деца, на страниците на „Колибри“, во десетина продолженија, објавуваме една многу поучна серија, преку која ќе научите важни нешта за сообраќајот, но на лесен и интересен начин. Тука ќе можете да прочитате песнички на познатиот писател за деца Перо Миленкоски токму на оваа тема.

– Брзиот доброорганизиран сообраќај е насушна потреба на современиот човек. Тоа е голема придобивка за секого од нас. За негово безбедно и непречено одвивање, постојат правила и прописи преточени во закони. Улиците и патиштата се обележени вертикално и хоризонтално, а за редот во сообраќајот се задолжени сообраќајци, секогаш подготвени да им помогнат на возачите и на пешаците. Сообраќајните знаци, пак, се скапоцена помош сѐ да се одвива непречено. Вака организиран, сообраќајот би требало да ни носи само задоволство. Но, за жал, не е секогаш така. Често на патиштата, дури и на пешачките премини, се случуваат сообраќајни незгоди, кои завршуваат со повреди и со тешки последици. Децата како учесници во сообраќајот често се жртви на невнимателни возачи, а поретко и на свое невнимание – вели Перо Миленкоски за она што го поттикнало да ја напише оваа едукативна книга.
За да придонесеме кон сообраќајното воспитување на најмладите, во наредните десет изданија на „Колибри“ ќе објавиме дел од поетската збирка „Детестоп“ на овој автор. Основната порака на неговите стихови гласи: „Внимателно движи се и за себе грижи се“!


Денот ноќ се стори

Гледај, денот ноќ се стори,
нема сонце да ни свети.
Тунел – светло нека гори
и безбедност ти ќе сетиш.

Вози бавно, биди смирен,
опасности мракот крие,
не минувај други, чекај,
ако треба кротко лази.
(Ах да прави така секој,
да е добар и да пази!)

Штом прегрнеш простор ширен
и пак силно грејне зракот,
ти побрзај ако сакаш,
колку треба, колку смееш.

Кај си тргнал ти ќе стигнеш,
лице насмев ќе ти грее.


Пат низ поле пруга сече

Пат низ поле
пруга сече.
Летна вечер.
Уште малку
воз ќе мине
брза, татни,
еве иде.

Кон преминот
„опел“ јури.
Што ќе стане,
што ќе биде?
Недалеку знак го сретна,
„Крст Андреин“ што се вика.
Стои „опел“ лична слика!

Добар пат
еј, возу силен,
возач рече,
поздрав прати.

По два пата
песна ечи
и ги злати!


Ај погоди што е тоа?

Мориња прелетува, облаци надлетува

Летнува, забрзува,
предели поврзува.
Мориња прелетува,
облаци надлетува,
Штом ветерот стивнува
кон сонце се вивнува.
Навечер и взори,
над полиња, гори…
Сонив чуден сон
во тој…


За авторот

Перо Миленкоски е современ македонски поет за деца и млади. Роден е во селото Слепче, општина Долнени. Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 1995 година. Завршил учителска школа „Гоце Делчев“ во Штип и дипломирал на Педагошката академија во Битола, на групата за македонски и српско-хрватски јазик. Работел како наставник и новинар во „Нова Македонија“, при што 23 години во додатокот за најмладите читатели „Колибри“, од кои 13 години како негов уредник. Живее во Скопје.
Ги издал збирките поезија: „Најубав ѓердан“, „Има една земја мила“, „Малиот сообраќаец“, „Детестоп“, „Сонце во око“ и „Сончев дворец“.