Во пресрет на 28. „Златна бубамара на популарноста“

Убедливо најпопуларната манифестација кај нас „Златна бубамара на популарноста“ годинава ќе се одржи на 19 февруари, во арената „Борис Трајковски“. Во продажба се пуштени и нова тура билети.
– Под мотото „Вештачка интелигенција за владата – природна забава за народот“, омилената манифестација со големо задоволство и употреба исклучиво на природна интелигенција и изворен талент, ќе се потруди да ја „апгрејтне“ публиката со убавина, смеа и задоволства, кои може да ни ги овозможат најпопуларните уметници и општонародни миленици. Додека се подготвуваме да ги трошиме парите од најновиот унгарски кредит, „Златна бубамара“ ќе ни овозможи да бидеме ем расположени – ем задолжени! Со мали букви, како и во секое упатство, е напишано тоа што во овој момент најмногу нѐ интересира – жирант за добрата забава е Радио Бубамара – велат организаторите.
Секое издание во изминатите 27 години се памети и прераскажува со денови, а потоа и со години. Дека „Златна бубамара“ е вистинска архива за нашата култура се уверуваме и деновиве при секое репостирање на „ѕвездените моменти“ од досегашните изданија на манифестацијата, на кои публиката со радост си спомнува и ги коментира.
Од организацијата на „Златната бубамара на популарноста“ најавуваат уште еден незаборавен спектакл – годинава во траење од само три часа.