На државниот натпревар по хемија
На Државниот натпревар по хемија за ученици во основното образование, кој се одржа кон средината на мај на Природно-математичкиот факултет во Скопје, тројца учесници од Кавадарци го освоија првото место. Станува збор за Александар Божинов и за братот и сестрата близнаци Јована и Јован Рамови од ОУ „Гоце Делчев“.
Мотото на годинашниот натпревар беше „Го гледаме невидливото, го мериме немерливото, го зборуваме јазикот на науката“. Инаку, неговата менторка Павлинка Голчева ни откри дека и минатата година Александар Божинов бил првонаграден на овој натпревар по хемија, со освоени сто поени, па неговото учество оваа година било обезбедено.
– Уште лани Александар го совлада материјалот за деветто одделение и потребниот дел за средно училиште. Учевме така што навлегувавме во секоја проблематика. За време на часовите јас сакам да ги научам моите ученици дека материјалниот свет е резултат на невидливиот, кој функционира според природните законитости, со квантифицирано вибрирање и фреквенција. Дали една супстанција може да биде лек или отров зависи како сме пресметале и каков раствор потоа сме направиле, што значи дека нема површно знаење туку сериозен пристап кон науката – вели Павлинка Голчева.
За седмоодделенците Јован и Јована Рамови, кои прва година ја изучуваат хемијата по нова програма, таа посочи дека и самите не се свесни колку знаат.
– Во текот на првото полугодие, кога е и рокот за пријавување на натпреварот, тие учеа едноставни работи, со употреба на лабораториски прибор, со цртање и боење атоми и молекули, но во второто полугодие веќе имавме сериозни проблематики за кои е потребен поголем ангажман да се совладаат. Но Јован и Јована успеаја во тоа, со освоени 96 поени (Јована), односно 92 бода (Јован), од можните сто – вели нивната наставничка.
Во меѓувреме нашиот вреден и талентиран Александар го освои и првото место на државниот натпревар по биологија, како и второто место на државниот натпревар по физика. Близнаците Јован и Јована, пак, се вратија со високо второ место по биологија на државно ниво.
Сегашните успеси на учениците од ова кавадаречко училиште, особено во областа на природните науки, се продолжување на претходните резултати.Така, ученикот Божидар Давидовски во 2023 година исто така бил државен првак по хемија. Значаен е успехот на натпреварите по математика на учениците Бошко Бошков и Мајкл Георгиевски, кои подоцна, во текот на гимназиското образование, освоиле и медали на европски и светски олимпијади. Во областа на физиката Мајкл Георгиевски двапати учествувал на Балканска олимпијада, трипати на европска и трипати на светска олимпијада, а денес е студент на престижниот универзитет по физика МИТ во Масачусетс, САД. Сите овие ученици се гордост на своето училиште и на градот Кавадарци.
Ми.М.
































