Бугарија влегува во нова надворешнополитичка фаза со претседателката Јотова и премиерот Радев
- Бугарија влегува во нова надворешнополитичка фаза во која членството во ЕУ и НАТО останува стратешка рамка, но односите со Москва,
војната во Украина и санкциите против Русија веќе на внатрешен план стануваат поле за сериозно преиспитување. Политичкиот двоец
Радев-Јотова најавува дипломатски курс што може да ја промени позицијата на Софија во европските безбедносни и политички пресметки - Она што ја прави новата политичка конфигурација особено значајна е институционалната концентрација на моќта. Радев ја предводи
владата, неговата политичка коалиција Прогресивна Бугарија има парламентарно мнозинство, а Јотова е на претседателската функција. Тоа создава услови за поусогласена надворешнополитичка линија, без вообичаените внатрешни судири меѓу претседателската и извршната власт
Победата на Илијана Јотова на претседателските избори во Бугарија, во комбинација со премиерската позиција на Румен Радев, отвора ново поглавје во надворешната политика на нашиот источен сосед. За првпат по подолг период, Софија добива политички врв со изразено усогласени ставови за најчувствителното прашање на европската безбедност – односите со Русија и војната во Украина.
За потсетување, пораките што Јотова ги испраќаше во претседателската кампања не оставија многу простор за дилеми. Имено, таа се залага за директни преговори меѓу Европската Унија и Москва. Второ, Јотова смета дека територијалните прашања во Украина се предмет на преговарање и трето, таа отворено ја доведува во прашање ефикасноста на санкциите против Москва.
Овие ставови не се изолирани политички пораки, туку тие се надоврзуваат на долгогодишната позиција на Радев, најблискиот соработник на Јотова, кој уште во времето кога беше претседател се спротивставуваше на испраќањето бугарско оружје за Украина и инсистираше дека конфликтот не може да се реши со воени средства.
Институционална концентрација на моќта во рацете на премиерот и кај бугарската претседателка
Она што ја прави новата политичка конфигурација особено значајна е институционалната концентрација на моќта. Радев ја предводи владата, неговата политичка коалиција Прогресивна Бугарија има парламентарно мнозинство, а Јотова е на претседателската функција. Тоа создава услови за поусогласена надворешнополитичка линија, без вообичаените внатрешни судири меѓу претседателската и извршната власт. Анализите на Европскиот совет за надворешни односи и полскиот Центар за источни студии (ОСВ) укажуваат дека Радев не се залага за формално напуштање на европскиот и евроатлантскиот курс, туку за поголема самостојност на Софија во однос на клучните одлуки наспроти Брисел. Аналитичарите ја опишуваат неговата политика како прагматично балансирање меѓу Западот и Истокот, со зачувување на западните институционални врски, но истовремено отворање простор за нормализација на односите со Москва. Токму тука се препознава заедничката политичка матрица на Радев и на Јотова. Бугарија да не излегува од ЕУ и НАТО, но и да не ја прифаќа автоматски секоја одлука на нивните политички центри, особено кога станува збор за Русија, Украина и за санкциската политика.
УКРАИНА КАКО ТЕСТ ЗА ОДНОСИТЕ СО БРИСЕЛ
Најконкретниот сигнал за промената доаѓа од односот кон воената помош за Киев. Владата на Радев најави прекин на понатамошното испраќање оружје за Украина, а премиерот во јули јавно соопшти дека Бугарија не треба да биде дел од т.н. Коалиција на подготвените, која ја поддржува продолжената воена и финансиска помош за Украина. Оваа позиција е значајна и поради претходните обврски на Софија.
Во март 2026 година, претходната бугарска влада потпиша десетгодишен договор за безбедносна соработка со Украина, кој предвидуваше воена помош, наменска индустриска соработка и заедничко производство на беспилотни летала и муниција. Новата влада, очигледно, настојува да ја преиспита практичната примена на таквата политика. Сепак, не треба да се очекува Бугарија да стане целосно изолиран или отворено конфронтирачки фактор во рамките на НАТО и ЕУ. Нејзината економска зависност од европските фондови, членството во шенгенската зона и неодамнешното воведување на еврото се сериозни ограничувања за радикално геополитичко свртување. Повеќе е веројатно дека Софија ќе се обидува да ја блокира или да ја забавува политиката со која не се согласува отколку да предизвика директен институционален судир со Брисел.
МОСКВА, ЕНЕРГИЈАТА И БАЛКАНСКИОТ ПРЕДИЗВИК
Особено чувствителна тема ќе бидат енергетските односи со Русија. Радев веќе испраќаше сигнали за потребата од нормализација на економските односи и преиспитување на увозот на руски енергенти. За Софија, ова не е само економско прашање туку и начин да ја врати енергетската политика во функција на сопствените национални интереси. Но враќањето на руското влијание нема да биде едноставно. Бугарија е членка на НАТО, има безбедносни обврски кон своите сојузници и се наоѓа на стратешки важниот брег на Црно Море, каде што руската воена активност директно ги засега интересите на Алијансата. За Македонија, сепак, најважното прашање е дали новата политичка конфигурација во Софија ќе донесе промена и во билатералните односи. Анализите на полскиот Центар за источни студии (ОСВ) укажуваат дека Радев нема намера да отстапи од бугарските услови поврзани со уставните измени и признавањето на бугарското малцинство во македонскиот устав, како предуслов за напредокот на европската интеграција на земјава. Тоа значи дека евентуалното приближување на Софија кон Москва не мора да произведе и поголема флексибилност кон Скопје. Напротив, можно е Радев да води покритична политика кон одредени европски одлуки, а истовремено да остане цврст во однос на бугарските позиции кон Македонија.
НОВИОТ БУГАРСКИ МОДЕЛ
Радев и Јотова, според досегашните политички сигнали, не најавуваат напуштање на Западот, туку обид за редефинирање на односот кон него. Нивната цел изгледа е Бугарија да биде истовремено дел од европската институционална архитектура и држава што ќе преговара со Москва, ќе ја оспорува ефикасноста на санкциите и ќе одбива воено вклучување во украинскиот конфликт. Дали оваа политика ќе се претвори во долгорочна геополитичка стратегија или ќе остане инструмент за внатрешнополитичка мобилизација, ќе покаже практиката. Едно, сепак, е извесно, а тоа е дека со Радев во владата и Јотова во претседателската палата, Бугарија добива политичко раководство што ќе настојува да го прошири својот маневарски простор меѓу Брисел, Вашингтон и Москва. Р.С.
































