По саботната интернационална карневалска поворка на големиот Струмички карневал, во неделата се случи традиционалниот Детски карневал, кој секоја година се одржува на празникот Прочка, а во рамките на традиционалните карневалски свечености.
Детскиот карневал, како своевиден расадник на вљубеници и негувачи на карневалските традиции во Струмица, изобилуваше со мноштво разновидни креативни маски, со кои дечињата се претставија во најубаво светло. На карневалот присуствуваше и градоначалникот на општина Струмица, Костадин Костадинов.
Карневалските свечености во Струмица продолжуваат до среда, со празнувањето на Тримери – првите три дена од велигденскиот пост.
Инаку, на Детскиот карневал на Прочка се маскираат дечињата од детските градинки и од нижите одделенија во училиштата како групи, а има и поединечни маски.
Учесниците и годинава дефилираа од градскиот парк, преку корзото и се претставија на плоштадот во Струмица, бурно поздравени од присутните.
На Детскиот карневал во неделата учествуваа: првоодделенците од ООУ „Маршал Тито“ во с. Муртино со групната маска „Бувчиња“, подрачните училишта во селата Рич и Попчево со групната маска „Во светот на бајките“, децата од 5-в одделение од ООУ „В. Подгорец“ со маската „Планети“, додека учениците од 5-б се претставија со „Македонска фудбалска репрезентација“. Првачињата од ООУ „Н. Карев“ ги видовме со „Весели пчелки“, децата од второ и петто одделение од ПОУ „С. Масев“ од с. Добрејци со „Вредни весели мравки“, учениците од 4-2 и 4-4 од ООУ „Н. Вапцаров“ од Струмица со „Весел доручек“, а првачињата од истото училиште се претставија со „Не лути се, човече“. Второодделенците од „В. Подгорец“ беа „Хипхоп-глувчиња и мачиња“, имаше и „Ѕвездички“, а каков е „Светот на морето“ покажаа дечињата од градинката „12 Јули“ во општината Конче. Трето-а одделение од „В. Подгорец“ ја прикажа групната маска „Сонце и облаци“, а од истото училиште ги видовме и „Среќните жаби“, додека децата од 4-1 од „Н. Вапцаров“ ни покажаа какви се „Танцувачките екомашини за перење“. Од ова училиште ја видовме и најмасовната маска, со 45 члена, наречена „Шарени медузи во џакузи“. Детската градинка „Виножито“ од Струмица, пак, ни ги покажа „Мали медузи“, а од учениците од 2-в од ОУ „С. Масев“ ја видовме трансформацијата „Од гасеница до пеперутка“, додека од 2-б ни покажаа како „Секогаш по дождот иде сонце“ и многу други.