Во „Театар комедија“ премиерно беше прикажана претставата „Олд Сејбрук“ по текст на Вуди Ален, а во режија на Нина Николиќ. Претставата „Олд Сејбрук“, која е дел од меѓународниот проект „Проспер“, а инспирирана од уметничката резиденција одржана во Охрид, го отвора прашањето за односот на поединецот кон природата.
Двата пара елегантни њујорчани оддаваат впечаток на совршенство и складност, но под таа фасада, под површината, ќе откриеме низа потиснати и скриени тајни, мани и фрустрации. Тргнувајќи од една едноставна ситуација, американскиот сценарист и режисер Вуди Ален ги преиспитува темите на верност и сладострасност, брачните кризи и неверството. Во малку чеховски манир, но низ забавни и неочекувани пресврти и со остар динамичен дијалог, карактеристични за Аленовото перо, се разоткриваат деликатни љубовни односи и се отвораат прашања за простувањето и за новите почетоци.
Во претставата играат: Валентин Костадиновски, Дарја Ризова, Елена Кузманов, Благој Веселинов, Атанас Атанасовски, Маја Љутков и Тони Денковски. Креативниот тим го сочинуваат: Тамара Барачков – драматург; Ивана Каранфиловска Угуровска – костимографка; Илина Ангеловска – сценографка; Оливер Јосифовски – композитор; Димитриос Сотириу – сценски движења; Крис Јегер – дизајн на светло; Сара Митова – дизајн на плакат.
Во рамките на премиерата, на малата сцена е прикажана и групната меѓународна изложба „Периферии“, која настана за време на 30-дневната резиденција на осум меѓународни уметници што престојуваа во Охрид во април лани. За време на престојот тие се сплотија со околината и остварија интеракција со природата и со урбаното опкружување околу Охридско Езеро. На изложбата може да се видат делата на Јара Асмар, Клаудио Беоркија, Јулија Ехлер и Кафар Рзаев, како и перформативно поетско читање на Ката Ѓорфи (во определен термин).
„Олд Сејбрук“ е копродукција помеѓу „Перипетија продукција“ и „Театар комедија“, како дел од проектот „Проспер“, кофинансиран од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија, како и од Министерството за култура и туризам на Македонија. Проектот го реализираат пет организации од Македонија, Србија и од Германија.