Техно
Познатиот британски производител „Јагуар“ во Мајами го претстави концептниот модел „тајп 00“, долгоочекуваниот електричен автомобил што има цел да ја демонстрира дизајнерската насока во која ќе се движат идните модели. Автомобилот дебитира на Неделата на уметност во Мајами, при што „Јагуар“ покажа дека го гледа концептот како „уметнички потфат“.
На овој настан му претходеше промоција на новиот визуелен идентитет и лого на компанијата, што на многумина не им се допадна, па дури и Илон Маск јавно го исмеа во објава на својот профил на X.
Автомобилот го имаше своето деби на настанот Недела на уметноста во Мајами, што не треба да изненадува бидејќи „Јагуар“ на овој концепт гледа како на „уметнички потфат“ што комбинира геометриски форми, за што црпи инспирација од славното минато на компанијата, поради што многумина го сметаат овој автомобил за контроверзен, со модерни живи бои, што укажува на минималистичкиот правец што ќе следува во иднина. Надворешноста на автомобилот се карактеризира со каросерија со едноставни линии, карактеристична долга хауба, која се спојува во фастбек-кабина, во која се влегува со подигање на карактеристичната „врата од пеперутка“. Задниот дел на автомобилот се карактеризира со стрмна линија на покривот и отсуство на задно ветробранско стакло.
Внатрешноста е многу минималистичка, нема инструменти, контроли или прекинувачи, но има само два големи екрани, пред возачот и патникот, кои се појавуваат од контролната табла. Минимализмот ги карактеризира и светлосните групи, кои напред се состојат од тесни, длабоко исечени фарови, додека задните светла се интегрирани во решетката на задниот дел на возилото.
За „Јагуар“, очигледно, оваа презентација најмногу послужи како премиера на новиот дизајнерски јазик, па на настанот во Мајами не се споменаа погонот на новиот автомобил и другата механика и електроника.