Музејот на Ван Гог, кој лани прослави педесетгодишнина, започна соработка со „Покемон“, анимирана серија што успеа да им ги освои срцата на многу холандски деца. Така, Пикачу може да се види во дело инспирирано од автопортрет од 1887 година. Во рамките на оваа соработка меѓу Музејот на Ван Гог во Амстердам и компанијата „Покемон“ е создаден нов оддел во кој висат јапонски цртани ликови насликани во стилот на постимпресионизмот.
Иницијаторите на соработката тврдат дека „Покемон“ и Ван Гог имаат сличности, бидејќи, како што велат, уметникот имал големо воодушевување од сѐ што доаѓало од Јапонија, а јапонската графика го научила поинаку да гледа на светот и уметноста. Го привлекувале големи површини во моќни бои, секојдневни теми и детали од природата.
– Мислам дека не можете да ја проучувате јапонската уметност без да станете многу посреќни и позадоволни. Тоа нè враќа во природата, и покрај нашето воспитување и работа во свет полн со конвенции – напишал Ван Гог во писмото до својот брат Тео во септември 1888 година, според музејот.
Како што се додава, преку различни активности околу „Покемон“, децата можат на нов начин да ја запознаат уметноста на Ван Гог, како на интернет така и во самиот музеј.
Некои од неговите најпознати дела биле инспирација за шест слики што уметниците ги направиле од „Покемон“. На пример, Пикачу може да се види во парче инспирирано од автопортрет од 1887 година со сива филц-капа, а другите ликови се релаксираат во парче инспирирано од сликата „Спалната соба“ од 1888 година.
– Оваа соработка им овозможува на најмладите да ги запознаат уметноста и животната приказна на Ван Гог – вели Емили Горденкер, генерален директор на музејот.
Матие Галанте од компанијата „Покемон“ изјави дека постои силна врска помеѓу инспирацијата зад „Покемон“ и некои од најпознатите дела на Винсент ван Гог.
– Со оваа соработка се надеваме дека децата ќе се откријат и ќе се нурнат во светот на уметноста преку фантастичните дела на Ван Гог и „Покемон“ – додаде Галанте.