Македонија
Мајка си на Климента,
на Наума, Гоцета и Јанета
и на сите што те бранеле,
и на сите што те чувале
што те сакале и што
се радувале.
Мајка си на војводи и херои,
на печалбари и на земјоделци,
на твои ќерки и красни синови
што умееле со рани да станат
да те чуваат и да те бранат!
Мајка си ми и моја најсакана
иако со херојство не се
истакнувам,
но затоа умеам да те чувам и сакам,
затоа, Македонијо, тебе те бакнувам!
Името
Македонија
Македонија е името
кое од искона е задлабено
во крвта на нашиот идентитет.
Македонија е името
кое во народот чука
со срцето на непокорот.
Македонија е името
кое е најскап и најславен збор
во македонската историја.
Македонија е името
кое постоело и ќе постои
затоа што сме постоеле
постоиме и ќе постоиме –
со јазик, со нација и вера.
Кога пишувам песна за
Македонија
Кога пишувам песна
за Македонија,
мислите длабоко ми тонат,
и, чинам, од камбаните
крушевски –
илинденските напеви
долго ми ѕвонат.
Кога пишувам песна
за Македонија,
го гледам Гоцета со лице
сакано,
ги гледам Питу, Сандански,
Карев,
што создадоа прва Република на Балканот.
Кога пишувам песна
за Македонија,
пред моите очи стои една
драга слика:
Прилеп со својот
востанички Октомври –
победоносно по Илинден
в радост блика.
Кога го гледам манастирот
Прохор Пчињски,
ми се разбиструва и ми
станува јасно:
ние постоиме затоа што
ги имаме
и Илинден и Октомври и
светиот АСНОМ!
(Од книгата „Македонија и нејзините синови“)
За авторот
Саво Костадиновски е македонски и германски поет, раскажувач, патописец, писател за деца и возрасни, препејувач. Роден е на 30 мај 1950 година во селото Г. Ботуше, Македонски Брод. По катастрофалниот земјотрес во Скопје во 1963 г., живее надвор од границите на Македонија. Во 1971 година се сели во Германија. Вишо техничко училиште завршил во Келн, во градот каде што од 1973-та постојано живее.
Како дводомен автор пишува лирика и проза за деца и за возрасни, на македонски и на германски јазик. За неговите книжевни дела е наградуван и преведуван на повеќе јазици. Застапен е во избори, лексикони, антологии и во Македонија и во Германија. Активен член е на Друштвото на писателите на Македонија и на Сојузот на германските писатели.