Фото: „Нова Македонија“

Демократијата подразбира право на промена, а не догма за континуитет на претходни владини обврски, кои, згора на сè, се и противправни

  • Една од најконтроверзните бриселски тези што се пласираат во македонската јавност е дека „секоја нова влада мора безусловно да ги преземе и спроведе политиките и обврските на претходната власт“. Таквиот став не само што е политички спорен туку и суштински ја доведува во прашање смислата на демократијата или, поточно, на демократските избори. Во демократските системи граѓаните не избираат само нови носители на власта туку и нови политики, нови приоритети и нов правец на развој. Доколку секоја влада би била обврзана механички да го продолжува курсот на своите претходници, тогаш изборите би се претвориле во обична формалност
  • Најновиот пример со Унгарија покажува дека новите власти не се двоумат радикално да ги менуваат политиките на своите претходници кога за тоа имаат демократски легитимитет. Новата влада на Петер Маѓар не само што не го продолжува политичкиот модел на Виктор Орбан туку во одредени сегменти целосно го демонтира. Притоа, од европските институции на Унијата не се слушаат критики дека Будимпешта е должна да обезбеди континуитет со претходната власт. Напротив. Токму промените се толерираат затоа што новите политики се поблиски до стратешките позиции на Брисел
  • Токму на примерот со Маѓар во Унгарија, сосема легитимно е и во Македонија да се отвори прашањето дали секоја обврска преземена од претходната влада мора автоматски да биде прифатена како непроменлива!? Особено кога значителен дел од јавноста смета дека одредени договори и протоколи произвеле сериозни последици врз националните позиции и државните интереси. Демократијата не е обврска за вечен континуитет на политиките, туку механизам преку кој граѓаните можат да побараат нивна корекција или, пак, промена. На крајот, највисокиот извор на политички легитимитет не е ниту една претходна влада, туку волјата на народот изразена на избори!

Една од најчесто повторуваните тези во последните години е дека Македонија „мора да ги исполни обврските што ги презела претходната влада“, без оглед на исходот од изборите и без оглед на волјата на граѓаните изразена на демократски начин. Таа теза на прв поглед звучи логично, но во својата крајна форма таа отвора едно многу подлабоко прашање. Ако секоја нова влада е должна безусловно да ги продолжува политиките на претходната, тогаш која е смислата на изборите? Која е смислата на демократијата и на мандатот што им го даваат граѓаните на своите избраници?!

Граѓаните на избори не гласаат само за нови личности туку и за нови политики!

Во секоја демократска држава изборите постојат токму затоа што граѓаните имаат право да ја променат политичката насока на државата. Тие не гласаат само за нови личности туку и за нови политики. Ако политиките не смеат да се менуваат, тогаш изборите се сведуваат на формалност, а демократијата станува процедура без суштина.
– Историјата на Европа е преполна со примери на влади што ги менувале курсевите на своите претходници. Нови парламентарни мнозинства укинувале закони, ревидирале договори, менувале економски модели, воведувале нови надворешнополитички приоритети и вршеле институционални реформи. Тоа не било сметано за закана за демократијата, туку за нејзина природна последица. Особено е интересно што принципот на политичка промена најчесто се слави кога резултира со политики што им се допаѓаат на влијателните центри на моќ во Европа, а се проблематизира кога произведува резултати што не се вклопуваат во нивните очекувања. (?!) Тука се појавува очигледен двоен критериум – тврдат нашите соговорници, универзитетски професори.

Притоа, тие нагласуваат дека демократијата не подразбира обврска секоја нова влада механички да го следи патот на претходната.
– Таа подразбира право на граѓаните да изберат поинаков пат. Ако народот оценил дека одредени политики биле погрешни, штетни или неуспешни, тогаш сосема е природно новата власт да се обиде да ги коригира или да ги замени – велат тие.

Македонскиот случај и сегашното доминантно расположение на граѓаните

Во македонскиот случај ова прашање добива уште поголема тежина затоа што значителен дел од јавноста смета дека одредени процеси биле спроведени без доволен демократски консензус и спротивно на доминантното расположение на граѓаните. Без разлика дали некој се согласува со таа оценка или не, неспорно е дека во демократијата токму граѓаните се конечниот извор на легитимитет. Затоа е погрешно да се создава впечаток дека секоја политичка одлука на една влада автоматски им ги врзува рацете на сите идни влади. Таквиот пристап ја претвора демократијата во систем во кој народот може да избира влади, но не може да избира политики.
– Вистинскиот демократски принцип е поинаков. Државата има институционален континуитет, но владите имаат право на политичка промена. Институциите остануваат, уставниот поредок останува, меѓународните обврски се предмет на правни процедури и политички одлуки, но насоката на државната политика не е и не смее да биде замрзната еднаш засекогаш. Во спротивно, изборите би биле само церемонија, а не механизам преку кој народот ја остварува својата суверена волја – велат нашите соговорници.

Според нив, токму затоа суштинското прашање не е дали една нова влада има право да преиспитува и менува политики на претходната. Во една демократија тоа право е нејзина основна функција.
– Вистинското прашање е дали некој е подготвен да го прифати демократскиот принцип и тогаш кога резултатот од изборите не му одговара. Затоа што суверенитетот не ѝ припаѓа на ниту една влада, на ниту една партија, на ниту која било надворешна политичка елита. Суверенитетот им припаѓа на граѓаните. А изборите се токму моментот кога тие одлучуваат дали ќе има континуитет или промена – нагласуваат нашите соговорници, високи интелектуалци, одговарајќи на прашањето што стана своевидна „бриселска мантра“, а тоа е дека оваа влада мора да ги продолжи и реализира преземените обврски од претходната власт, која по процени на мноштво меѓународноправни експерти направи длабоки штети и лузни не само на државата туку и на народот, кој треба да е единствениот носител на државноста во Македонија. П.Р.


Потсетување на унгарскиот пример за дисконтинуитет на владините политики со доаѓањето на новата власт на Маѓар

Унгарскиот парламент усвои уставно ограничување на два премиерски мандата, со што се блокира враќањето на Орбан

Деновиве унгарскиот парламент усвои уставен амандман со кој се блокира враќањето на Орбан, односно изборот на претседател на влада се ограничува на два премиерски мандата, со што враќањето на Орбан се прави – неможно. Амандманот беше усвоен со двотретинско мнозинство на владејачката партија Тиса, со 135 гласа „за“.
Имено, унгарскиот парламент во понеделникот го усвои 16-от амандман на Уставот, со кој се воведуваат ретроактивни ограничувања на мандатите што би го спречиле поранешниот премиер Виктор Орбан повторно да ја извршува функцијата.
Амандманот, усвоен со двотретинско мнозинство на владејачката партија Тиса и со 135 гласа „за“, ги ограничува премиерите на најмногу два четиригодишни мандата. Клучно е тоа што ограничувањето се применува на сите мандати извршени од мај 1990 година наваму, со што Орбан, кој вкупно владееше 20 години, се дисквалификува од можноста повторно да стане премиер. Опозициските партии Фидес и КДНП гласаа против мерката, додека крајно десничарската партија Ми Хазанк беше воздржана.
Изборната победа на Тиса во април му стави крај на 16-годишното непрекинато владеење на Фидес и му обезбеди на премиерот Петер Маѓар двотретинско мнозинство, потребно за измена на Уставот на Унгарија, отворајќи го патот за темелни промени. Бидејќи уставните амандмани не можат да бидат оспорени по суштинска основа, претседателот Тамаш Шуљок има ограничени можности да го спречи стапувањето на мерката во сила. Реагирајќи на гласањето, Орбан ја отфрли одлуката.
– Идејата дека некој во Унгарија – на пример јас – може да биде држен подалеку од народот е многу смешна. На крајот, народот е тој што одлучува. Тие се на власт само еден месец. Не треба да сонуваат за осум години власт – тоа е заблуда – изјави Орбан за „Индекс“.

Со амандманот се укинува и Канцеларијата за заштита на суверенитетот, како и 34 фондации за управување со средства од јавен интерес (КЕКВА), кои во моментов располагаат со значајни државни ресурси, вклучувајќи и 21 универзитет. Средствата на КЕКВА ќе бидат прекласифицирани како национално богатство, а владата на Маѓар ќе создаде услови за преземање на сите основачки права. Законот наложува и итно распуштање на 15 фондации што не се поврзани со високото образование, меѓу кои и елитниот образовен центар „Матијаш Корвинус Колегиум“ (МКК), како и фондацијата основана од нобеловецот Ференц Краус. За време на жестоката парламентарна расправа, Маѓар го исмеваше претседателот на управниот одбор на МКК, Балаш Орбан, поради државното преземање на „Матијаш Корвинус Колегиум“, односно фондацијата што вклучува и повеќе медиуми, како и „Либри“, најголемиот издавачки синџир во Унгарија, кој организацијата го купи во 2023 година.
– Разбирам дека ве боли тоа што весникот-шега наречен „Мандинер“ сега ќе ѝ припаѓа на државата и што ние ќе бидеме негови сопственици, па ќе можеме да одлучуваме каква содржина ќе се објавува таму – изјави Маѓар, осврнувајќи се на медиумот што постои од 1999 година и беше купен од МКК во 2025 година. П.Р.