Владо Димовски

Зборуваме македонски со Владо Димовски (32)

Тасе: Кажи ми каде одиме.
Таска: Никаде. Сакав да излеземе од дома.
Тасе: Ми го исклучи телевизорот, не го допив кафето, се однесуваш како да си полицаец.
Таска: Мора да ги смениш навиките. Секое попладне или спиеш или гледаш телевизија.
Тасе: Еве, ти кажувам, отворено, ми смета твоето однесување и повеќе нема да те толерирам.
Таска: Ти смета?!… Море ќе те научам јас убаво! Ти смета моето однесување, а?… Тргнувај пред мене!

Време е сами да се вклучите во ова што го правиме ние за нашиот јазик. Ви откриваме кој е погрешниот збор, а вие потрудете се да го најдете вистинскиот.
Ти смета, односно ми смета… Кој е нашиот збор?


Чувајте го јазикот!

„Јазикот е нашата единствена татковина“, велеше познатиот македонски писател и лингвист Блаже Конески. Но сведоци сме дека токму тој македонски литературен јазик, ние во последниве години не го чуваме, не го негуваме и надградуваме.

Драги деца, за да растете и вие читајќи и зборувајќи на стандарден македонски литературен јазик, во „Колибри“ објавуваме рубрика „Зборуваме македонски“, чиј автор е Владо Димовски, голем пријател на децата и наш познат писател за најмладите и автор на многу детски радио и телевизиски емисии со кои растеа многу генерации, меѓу кои една од најпопуларните беше серијата „Умни глави“ што ја емитуваше Македонската телевизија.

Е па, и бидејќи и вие сте умни глави, се надеваме дека серијалот што го започнуваме, ќе ви помогне да го зборувате македонскиот јазик без грешки, а така и да пишувате!