Во нашата земја сѐ уште не е детектиран овој нов сој на ковид-19. Сепак, влеговме во периодот кога се појавуваат и други респираторни инфекции. Децата тргнаа на училиште, годишните одмори завршија. Доаѓа постудено време, кога повеќе луѓе ќе поминуваат време во затворени простории. Дали треба да бидеме загрижени дека и оваа есен и зима ќе мора да се шетаме со маски или, пак, да се тестираме?
За ерис, новиот сој на ковид-19
Нова варијанта на коронавирусот пристигна во Србија. Тамошниот Институт за јавно здравје соопшти дека на територијата на областа Јужнобачка е потврдено присуство на омикронската подваријанта на сојот ЕГ.5 (ерис) на коронавирусот. Тамошните епидемиолози велат дека нема место за паника, но за претпазливост – да.
Во нашата земја сѐ уште не е детектиран овој нов сој на ковид-19.
Сепак, влеговме во периодот кога се појавуваат и други респираторни инфекции. Децата тргнаа на училиште, годишните одмори завршија. Доаѓа постудено време, кога повеќе луѓе ќе поминуваат време во затворени простории. Дали треба да бидеме загрижени дека и оваа есен и зима ќе мора да се шетаме со маски или, пак, да се тестираме?
Експертите смируваат и велат дека според познатите информации за омикронскиот супстраин ЕГ.5, тој не треба да претставува потешка клиничка слика на ковид. Симптомите може да вклучуваат покачена телесна температура, губење на чувството за вкус и мирис, болки во грлото, кашлица, замор, течење на носот. Овие симптоми се слични на оние на блага респираторна инфекција.
Единственото значење што супстраинот го има за граѓаните е неговата брзина на ширење. Утврдено е дека се шири малку побрзо од претходните подваријанти.
И во иднина ќе има нови варијанти на ковид-19
Епидемиологот Драган Даниловски посочува дека и по повеќе од три години од почетокот на пандемијата на ковид-19, по сѐ изгледа, ништо не научивме како јавност за коронавирусот.
– Се редеа, прво, опасни негови варијанти, потоа сѐ помалку опасни, во неговата пуста борба за опстанок меѓу луѓето. Па така, се редеа алфа, бета, гама, делта, му (ми), епсилон, тета, зета, пи, омикрон, арктурус… и еве ги сега ерис и пирола! Во иднина ќе има сигурно и други варијанти. Тоа е сосема нормално и очекувано за секој вирус – постојано да се менува! Дали треба да бидеме загрижени поради појавата на нови варијанти? Апсолутно не! – смирува Даниловски.
Вели дека и коронавирусот веќе е адаптиран на човекот, исто како што и тој се приспособи на неа.
– И таа меѓусебна адаптација ќе продолжи и во иднина. Чиста екологија! Сега имаме ситуација, човекот, како жив вид да поседува силен имунолошки бедем, кој го штити, општо земено, од тешка клиничка слика и смрт! Секоја наредна варијанта ќе се обидува да ја заобиколува одбраната на човекот. Арно ама, тоа ќе резултира само со поголема заразност. „Длабоката“ одбрана си останува!
Оттаму, заради поголемата заразност на новите варијанти, за очекување е да се зголеми бројот на инфекции. Особено наесен и во текот на зимата. Но, што дека? Зарем сме се потресувале кога редовно се јавуваа зголемен број настинки во ладните месеци во периодот пред пандемијата? Секако дека не. Така и сега.
Бројот на настинки и оваа ладна сезона ќе си порасне. Причинители нема да бидат само новите варијанти на коронавирусот. Ќе имаме и други, како секогаш: грип, аденовируси, риновируси, респираторен синцицијален вирус (РСВ), четирите типа коронавируси познати веќе повеќе од 60 години. И ним ќе им се придружи и нивниот најнов сродник „новиот“ коронавирус (Сарс-Ков-2) со некоја од своите варијанти – објаснува епидемиологот.
Нема потреба од тестирања
Сепак, посочува и дека нема никаква потреба веќе за симптоми на настинка (дури ако се појави и покачена температура) да се прават тестирања.
– Чуму тестирање? Доволни се многу течности, пробиотици и пребиотици. Без фрлање пари за додатоци во исхраната! И најважно, без антибиотици. Стручно е неприфатливо објаснувањето на некои доктори дека пропишуваат антибиотик за црвено грло, „за да не се спушти на плуќа“!
Ако се појави пневмонија, дури тогаш треба да се направи крвна слика. Ако таа покаже дека се работи за бактериска пневмонија, дури тогаш е потребен антибиотик. И толку. Исто како минатите години со грипот, и отсега натаму, ризични групи се старите лица, особено ако имаат и хронични болести. Добро е тие да внимаваат. И – исто како за грипот – да се вакцинираат оваа сезона, секако по сопствена желба. Штета што сѐ уште го немаме набавено лекот „паксловид“, кој живот спасува. Но и „тамифлу“, лек против грипот – заклучува професорот Даниловски.
Ерис регистриран уште во февруари
Според последните информации што можат да се најдат на веб-страницата на Институтот за јавно здравје, во текот на месец јули во земјава се пријавени се вкупно 23 случаи на ковид-19.
Од почетокот на пандемијата, заклучно со 31.7.2023, пријавени се вкупно 348.379 потврдени случаи на ковид-19 и 9.941 смртен случај.
Светската здравствена организација (СЗО) веќе посочи дека подваријантата ЕГ.5 не претставува голема закана за јавното здравје и дека нема докази дека предизвикува потешка болест во споредба со другите видови што моментално циркулираат.
Според СЗО, ерис првпат бил регистриран во февруари и оттогаш бројот на заразени со оваа подваријанта постојано се зголемува.
Веќе е познато и дека симптомите на ковид предизвикани од ЕГ.5 се треска, кашлица што не престанува, промени во сетилото за вкус и мирис, замор, течење на носот, болки во грлото.
Во некои земји бројките растат, но не се загрижувачки
Според последните информации од соседните земји, бројките на заразени со новата подваријанта на сојот омикрон на ковид-19, ерис, која за првпат во Србија беше регистрирана минатата недела, полека растат и во здравствените домови, но не се загрижувачки. Како што известуваат од таму, моментално има двојно помалку случаи на ковид-позитивни од истиот период лани, но во здравствените установи сѐ уште важат антиепидемиските мерки. А вируси има, респираторни, стомачни, па дури и ковид.
Претходно и Светската здравствена организација, на почетокот на годинава, изјави дека подваријантата ерис не претставува значителна закана за јавното здравје.
Од еден до двајца пациенти дневно, колку што имало во претходниот период на преглед во амбулантата на Инфективната клиника во Белград, деновиве има и до десет.
Во Италија, бројот на заболени од ковид се зголеми за 40 проценти во последните денови, но таму се прават повеќе тестови, како што нареди Министерството за здравство. На луѓето што стапиле во контакт со оние што имаат симптоми на ковид им се препорачува да се тестираат. На постарите пациенти им се советува да носат маски и да се вакцинираат наесен.
Италијанските експерти, лекари, и покрај зголемувањето на заразени со оваа варијанта во Италија, сметаат дека нема да има ескалација.