Писмо од Сплит, слики од Хрватска
Јелена Новаковиќ е млада девојка, родена во Сплит во 1999 година. Студентка е на факултетот за психологија во Загреб. Во слободно време се занимава со планинарење, свирење, сликање и играње. Обожава патувања, а токму една од најпосакуваните дестинации ѝ е Македонија.
Досега трипати бев во Македонија. Ми остана во убави сеќавања, па сакав уште еднаш повторно да ги посетам пријателите што ги запознав таму. Убав повод за тоа беше програмата во рамките на проектот „Еразмус“. Инаку, ова патување во Македонија беше мојот петти по ред проект „Еразмус“. Поранешните дестинации беа Романија, Полска, Шпанија и Италија. Многу ми се допаѓа целиот тој концепт на патувања што го доживуваме со луѓе што првпат ги сретнуваме во животот. Размената на млади луѓе, под името „Фром зеро ту херо“ траеше од 12 до 19 мај годинава, во Крушево. Поминав неколку дена пред и потоа во Скопје, разгледувајќи ги околните природни убавини.
Што би издвоиле од последново патување?
Она што особено би го истакнала е што во Македонија при секоја моја посета ја чувствувам онаа домашна и топла пријателска атмосфера. Мислам дека Хрватите и Македонците имаат многу сличности, особено во менталитетот. Меѓусебно се препознаваме во разговорите за политиката и за лошото користење на ресурсите што ги имаме. Сѐ повеќе е забележлива дерурализацијата. Скопје ме изненади со зголемениот број луѓе и со многу нови градби.
Во разговорите со моите врсници, односно со студенти, заедно дојдовме до сознанија дека политичката и економската ситуација нема да се менуваат уште некое време и дека ако како поединец имаш некои поголеми амбиции и желби, многу полесно и поисплатливо е да ги оствариш надвор од својата татковина. Младите бараат и заслужуваат подобра иднина.
Во поранешните посети бев во Штип, Прилеп, Тетово, Охрид, Битола… Овој пат проектот се одржуваше во Крушево, па имав можност одблизу и подетално да го запознаам. Во проектот учествуваа млади од Италија, Србија, Турција, Грција, Хрватска и од Македонија. Ние, триесетина, бевме сместени во „Вила Гора“, која ја води едно симпатично семејство. Тема на овој проект беа приватниот бизнис и спорт. Организаторите на проектот на многу прифатлив начин ги претставија темите.
Како беше осмислена програмата?
Имавме целодневна програма со предавања, интерактивни задачи и спортски активности. Го посетивме и градоначалникот на Крушево, бевме во новоизградената спортска сала, а исто така имавме активно запознавање со локалното население, со низа на кратки разговори за состојбата во земјата, во туризмот и во приватниот сектор на стопанството.
Најмногу ми се допадна предавањето за параглајдинг, кое го одржа Мартин Јованоски. Тој ни ги раскажа својот почеток и својот пат кон успехот и освојувањето на Светскиот куп во параглајдинг, со осврт на сите пречки на кои наидувал во Македонија. Имавме можност да полетаме и над Мечкин Камен. Ова беше едно прекрасно и незаборавно искуство, луѓето беа срдечни и подготвени да одговорат на сите прашања, а погледот од таа висина на планинските пространства беше навистина силен и незаборавен.
Најтопло би им препорачала на моите колеги да учествуваат во вакви проекти. Тоа е одличен начин за евтино патување, дополнување на биографијата, запознавање отворени луѓе и создавање единствени пријателства и спомени – го заврши своето искажување Јелена Новаковиќ, девојката што со многу љубов и почит зборува за Македонија.
Ангел Митревски, специјално за „Нова Македонија“ од Сплит, Хрватска