ФУДБАЛ – УЕФА
- Новиот формат на Лигата на шампионите продолжува да испорачува натпреварување што е подинамично и непредвидливо, поконкурентно за секој клуб и обезбедува повеќе можности за сите, пишува УЕФА. Следуваат уште четири кола, кои ќе кулминираат со драмата од 18 истовремени натпревари во осмото коло
На половина од сезоната во групната фаза на фудбалската Лига на шампионите (ЛШ), третото издание на лигашкиот дел од натпреварувањето уште еднаш ја крена летвичката, со повеќе голови, поголема конкурентска рамнотежа и чувство на инклузивност за сите 36 тима, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА). Со други зборови, новиот формат на Лигата на шампионите продолжува да испорачува точно како што е предвидено, натпреварување што е подинамично и непредвидливо, поконкурентно за секој клуб и обезбедува повеќе можности за сите, пишува УЕФА.
Секој резултат во лигашката фаза има потенцијал драматично да ја промени позицијата на клубот, до последниот свиреж на судијата. Откако се виде тоа во текот на претходните две сезони, тимовите сѐ повеќе се свесни за вредноста на победата, всушност, само 9,7 отсто од натпреварите одиграни досега завршиле нерешено, што е значителен пад во споредба со 13,9 проценти по четвртото коло во сезоната 2024/2025 и 22,2 отсто во истиот момент во сезоната 2025/2026, пишува УЕФА.
И натпреварите се менуваат повеќе. Просечно имало 2,18 промени на водството по натпревар, дефинирани како секој момент кога постигнат гол ја менува ситуацијата на теренот (домашниот тим води, нерешено, гостинскиот тим води), што е зголемување во однос на просекот од 1,69 во овој период од минатата сезона и 1,64 во сезоната пред неа, пишува Европската фудбалска унија.
Лигашката фаза во сезоната 2026/2027 почна со стил, со 69 постигнати погодоци во првото коло, што го направи, во тоа време, второто коло со најмногу постигнати голови во историјата на натпреварувањето.
Сепак, таа бројка сега е само петта на истата ранг-листа по изобилството од натпревари со најмногу постигнати голови во текот на целата сезона, пишува УЕФА. Вкупно 291 погодок се постигнати на 72 натпревари, 45 погодока повеќе отколку во истата фаза минатата сезона и 70 гола повеќе отколку во сезоната 2024/2025.
Фазата на лигата ги изложува тимовите на поширок спектар противници, вклучувајќи ривали со споредлива сила, обезбедувајќи можности за сите, пишува УЕФА.
Според моменталниот пласман, меѓу првите осум екипи на табелата има шест екипи од првиот барабан пред ждрепката, како и по еден од вториот (Астон вила) и од четвртиот барабан (Комо).
Во меѓувреме, од 16-те клуба што по првите четири кола се на места на табелата што носат играње во плејофот за пласман во осминафиналето, три се од првиот барабан, седум од вториот и уште по три од третиот и од четвртиот барабан.
Следуваат уште четири кола, кои ќе кулминираат со драмата од 18 истовремени натпревари во осмото коло.
Во четвртото коло утре ќе играат Бодо/Глимт – ЛАСК, Галатасарај – Астон вила (двата меча од 18.45 часот), Арсенал – Борусија Дортмунд, Комо – АЕК, Феенорд – Порто, Манчестер сити – Наполи, Лајпциг – Ленс, Реал Мадрид – ПСВ Ајндховен и Слован – Бетис (сите од 21 часот), а в среда се дуелите Сабах – Барселона, Славија – Вилјареал (двете средби од 18.45 часот), Атлетико Мадрид – Викинг, Клуб Бриж – Ливерпул, Интер – Штутгарт, Шахтер – Фенербахче, Лил – Баерн, Пари сен Жермен – Рома и Спортинг – Манчестер јунајтед (сите од 21 часот). Н.М.
































