Кукличките озборувачки

Од творештвото на писателот Ристо Давчевски

Дедо ги слуша утринските вести на радиото, а Ели се сука околу него. Подвиткувајќи ги веѓичките како свилени пијавички, се чуди ли, се чуди.
– Туу, какви се моиве кукли!
– Какви се? – прашува дедо отсутно.
– Па такви. Ми ја натапанија главата критикувајќи те!
– Мене, чедо? Чудно, многу чудно!
– На пример, куклата Мара ѝ вели на куклата Дара: „Само да не се малку скржави, дедовците би биле најдобри на светот!“
– Значи тоа го вели куклата Дара?
– Не, тоа го вели куклата Мара. А куклата Дара ѝ одговара на куклата Мара. „Да, да, такви се дедовците. И да видат солзички во твоите очиња нема да го отворат срцето и да речат: Ели, внуко моја малечка, еве ти неколку денарчиња, ај купи си чоколада“.
– Значи, јас сум тој што е на удар! – се чуди дедото. – Леле, леле, како да сум закопан во најдлабок бунар од срамови!
– Не знам, дедо. Јас ти го кажувам само она што го чув.
– А ти, пак, од каде научи толку да го разбираш јазикот на куклите, а? – се насмеа дедото под мустаќ.
– Јас? Ох, само оние што не играат со кукли не можат да разберат што зборуваат. А ти дедо, ако не ми веруваш, докажи дека не е така.
Дедото се најде во небрано. Од својот џеб извади неколку парички. Ги стави во рачето на внуката и рече:
– Еве ти, купи си чоколада.
– Зошто дедо? Па јас не побарав ништо, нели?
– Да им кажеш на куклите Дара и Мара дека дедо ти не е скржав. Така ли е?
– Така е дедо. Куклите се безобразни. Треба некој да им ги затне устите.

(Од книгата „Девојчето со рингишпил“ на Ристо Давчевски)