Научници од САД во моментов работат на развој на нехормонални пилули за контрацепција за мажи. Таблетата YCT529, откако беше тестирана на глувци, веќе се покажа дека е безбедна и дека е 99 проценти ефикасна за спречување бременост. Испитувањата на луѓе се очекува да започнат во текот на оваа година.
Истражувачите од Универзитетот во Минесота ја претставија својата анализа на конференција на Американското хемиско друштво. Нивната пилула не влијае на тестостеронот, што значи дека ризикот од несакани ефекти е мал.
– Влијанието на апчињата за контрацепција врз машките хормони доведува до несакани појави, како што се зголемување на телесната тежина, депресија и зголемен ризик од кардиоваскуларни болести. Поради оваа причина, решивме да ја заобиколиме можноста на дејствувањето врз хормоните при развивањето на нашата пилула – рече докторот Абдула ал Номан.
Фармацевтската компанија „Јоар чоис терапјутикс“ во моментов подготвува документација и барање за одобрување за тестирање на луѓе, кое ќе биде испратено до Американската агенција за храна и лекови (ФДА).
Докторката Гунда Георг го водеше испитувањето на глувци, а сега, заедно со остатокот од тимот, работи напорно за што побрзо да бидат пуштени во продажба контрацепциските пилули за мажи.