Просечните национални резултати пресметани за извештајот се движеа од 46 или „постојано“ ментално здравје, во Јужна Африка, до националниот просек на Венецуела од 91, кој се сметаше на работ на „успех“ според скалата на „Ем-ејч-кју“
Резултатите од најголемото глобално истражување за менталното здравје беа објавени неодамна од „Сапиен лабс“, непрофитна истражувачка организација што го започна проектот „Ментал хелт милион“, во обид да ја следи менталната благосостојба на глобално ниво. Проектот беше лансиран во осум земји од англиското говорно подрачје во 2019 година и оттогаш се прошири на 223.000 луѓе во 34 земји.
Вториот годишен извештај за менталната состојба на светот нуди преглед на благосостојбата низ светот во 2021 година, врз основа на одговорите на 15-минутната анонимна анкета достапна на интернет на англиски, шпански, француски и на арапски.
Истражувањето, познато како коефициент на ментално здравје („Ем-ејч-кју“), беше дизајнирано од „Сапиен лабс“ за да разгледа шест аспекти на целокупната благосостојба: расположение и изглед, социјален идентитет, мотивација, когниција, приспособливост и отпорност и поврзаност помеѓу умот и телото.
Резултатите на коефициентот за ментално здравје се движат од -100 до 200, каде што позитивните резултати претставуваат „нормален“ опсег на функционирање, а негативните резултати укажуваат на можноста за клиничко ментално растројство.
Просечните национални резултати пресметани за извештајот се движеа од 46 или „постојано“ ментално здравје, во Јужна Африка, до националниот просек на Венецуела од 91, кој се сметаше на работ на „успех“ според скалата на „Ем-ејч-кју“.
Најниски просечни резултати за менталното здравје дојдоа од земјите од англиско говорно подрачје. Осум од 10-те земји со најниски просечни резултати беа од регионот што извештајот го нарекува англосаксонска сфера. Од најлошо пријавените резултати за менталното здравје до најдобрите, листата ги вклучува: Јужна Африка, Велика Британија, Австралија, Ирска, Индија, Нов Зеланд, Канада и САД.
Спротивно на тоа, повеќето од највисоките просечни резултати за менталното здравје доаѓаат од Латинска Америка, Шпанија и неколку земји од француското говорно подрачје во Европа и во Африка.
Се покажа дека националните економски показатели за просперитет, како што е високиот БДП по жител, се во корелација со пониските просечни резултати за менталното здравје за анкетираните популации, на големо изненадување на истражувачите.
– Ова е спротивно на заедничкото верување дека националниот економски просперитет значи поголема социјална благосостојба и би се очекувало овие корелации да бидат позитивни наместо значително негативни – се вели во извештајот.
Авторите исто така испитувале и за тоа како културните вредности се разликуваат меѓу земјите. Популациите што изјавиле дека им даваат приоритет на работните перформанси и индивидуализмот во анкетите за посебен проект ГЛОБЕ имале тенденција да имаат пониски оценки во однос на коефициентот на ментално здравје.
Во сите земји, високото образование и вработувањето беа поврзани со повисоки резултати за менталното здравје. Поврзаноста со вработувањето беше најсилна во западните земји од англиско говорно подрачје.