ПЕХАРОТ ЗА СВЕТСКИОТ ФУДБАЛСКИ ПРВАК

  • Официјалниот трофеј за светски фудбалски првак е висок 36 сантиметри, излиен е во 18-каратно злато и поставен е на основа со два прстена од зелен малахит, што ги симболизира фудбалските терени. Пехарот е дизајниран од италијанскиот скулптор Силвио Гаѕанига (автор на некои од најпрестижните трофеи во светот), кој сакаше да долови три спортски емоции во една спирална форма: борбата на спортистот, радоста на навивачот и моментот на победата, пишува АП

Италијанскиот скулптор што го дизајнира трофејот за победникот на фудбалското Светско првенство (СП) сакаше да долови три спортски емоции во една спирална форма: борбата на спортистот, радоста на навивачот и моментот на победата, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Синоќа репрезентативците на Шпанија и на Аргентина играа меѓу себе за трофејот, во финалето на годинашното Светско првенство, во Њу Џерси (САД).
Силвио Гаѕанига го дизајнира трофејот во своето студио во населбата Брера во Милано, откако Светската фудбалска федерација (ФИФА) објави отворен конкурс за нов дизајн кога репрезентацијата на Бразил трајно го презеде оригиналниот трофеј со освојувањето на својата трета светска титула во 1970 година. Дизајнот, сега познат на генерации навивачи, прикажува две фигури што се вртат кон сфера што ја претставува Земјата.

Силвио Гаѕанига создаде некои од најпрестижните трофеи во светот

– Кога почна да го дизајнира пехарот, тој скицираше огромен број цртежи и конечно почна да ја развива идејата да го има светот и овој симбол како две спирали на ДНК, кои се движат нагоре – рече Џорџо Гаѕанига, син на дизајнерот, кој во тоа време бил тинејџер, пренесе АП.
Силвио Гаѕанига, скулптор и дизајнер на трофеи, кој почина во 2016 година, работеше за „Г.Д.Е. Бертони Срл“ и создаде некои од најпрестижните трофеи во светот, вклучувајќи ги и тие за Купот на УЕФА (сега Лига Европа) и за европскиот Суперкуп.
Првиот трофеј за светските фудбалски првенства, воведен за инаугуративниот турнир одржан во 1930 година, ја прикажуваше грчката божица Ника и беше познат како трофејот „Жил Риме“, според основачот на планетарниот турнир.
Светската фудбалска федерација нарача замена, откако Бразил го доби правото на трајно поседување на оригиналот, откако стана првата репрезентација што освои три светски првенства.
Трофејот „Жил Риме“ беше украден двапати, првпат во 1966 година додека беше јавно изложен во Англија, пред да биде пронајден од куче по име Пиклс, под жива ограда во јужен Лондон, според Светската фудбалска федерација, а повторно беше украден од седиштето на Бразилската фудбалска конфедерација во 1983 година откако Бразил го презеде трајно и никогаш не е пронајден и се верува дека е стопен, пишува АП.

Дизајнот ја прикажува борбата за победа

Поднесени биле повеќе од 50 предлози за изгледот на новиот пехар, но само Гаѕанига презентирал целосен модел, што му овозможило на жирито да ги цени и формата и приказната што ја пренесува, рече неговиот син.
– Постои светот, кој стои над сѐ друго, тука е напорот на спортистот, тука е движењето на спортистот, а телото на спортистот е грубо, бидејќи страдало, морало да се бори за победа. Таа победа е изразена преку раце што личат на крилјата на Победата, доловувајќи го не само триумфот на спортистот туку и радоста на навивачот – изјави помладиот Гаѕанига, пренесе „Асошиејтед прес“.
Семејството на Гаѕанига ја зачувало неговата канцеларија на нова локација на периферијата на Милано, која вклучува цртежи, оригиналниот прототип доставен до ФИФА и восочна фигура.

Прваците сега не добиваат право да го задржат оригиналниот трофеј

Официјалниот трофеј за светски фудбалски првак, кој го крева победничкиот капитен по финалето, е висок 36 сантиметри, излиен е во 18-каратно злато и е поставен на основа со два прстена од зелен малахит, што ги симболизира фудбалските терени. По турнирот, оригиналниот трофеј се враќа во Светската фудбалска федерација, која помеѓу светските првенства го чува во своето седиште во Швајцарија. Победничката репрезентација дома носи позлатена реплика.
ФИФА повеќе не им дозволува на трикратните победници да го задржат оригиналот. Ова е 14-то светско првенство што го користи дизајнот на Гаѕанига, а Светската фудбалска федерација одлучи да го задржи трофејот во употреба барем до турнирот во 2038 година, според интернет-страницата на Гаѕанига, пишува АП.
Помладиот Гаѕанига уште живо се сеќава на гледањето на финалето на Светското првенство одиграно во 1974 година, дома со своето семејство, кога репрезентацијата на Западна Германија играше со селекцијата на Холандија. Тоа беше првпат трофејот на неговиот татко да биде доделен на светско првенство.
– Вистинската експлозија од радост дојде кога германската селекција го крена пехарот во Минхен и целиот стадион еруптира. Тоа беше моментот кога еден предмет стана икона – рече тој, пренесе АП. Н.М.