Повод: Осумдесет и осум години од раѓањето на прим. д-р Видое Јованоски, еден од основоположниците на Ортопедско-трауматолошкото одделение во Прилеп, и десет години од неговото упокојување (29.5.1938 – 6.7.2016)
Видое Блаже Јованоски е роден на 29 мај 1938 година во селото Гостиражни, сегашна општина Долнени. Во оваа пригода може да се нагласи за тоа кога ги прашувале гостиварци каде е местоположбата на селото Гостиражни, истите нагласувале дека кога ќе одите со воз од Битола до Скопје, тоа е последно место пред седумкилометарскиот тунел за продолжување на делницата до Скопје. Со еден збор кажано, таму се „одмора“ возот до тешката делница до Богомила и, следствено на тоа, тука се вкрстуваат возовите за Битола и Скопје и обратно.
Таткото на Видое се викал Блаже, инаку, во тоа време чиновник на железничката станица во Гостиражни, додека мајка му Сребра била домаќинка и се грижела за развојот на децата. Татко ми бил второ дете по возраст, најстара е сестра му Драгица, а по татко ми следуваат Богоја, Весела и Илија.
Видое потекнува од патријархално семејство, многу добро ситуирано и, што би кажале луѓе, имале понекој (динар) скромен живот.
Се занимавале исклучиво со земјоделство и сточарство. Глава на семејството бил Диме Димески (брат на Блаже), кој во својот живот останал без потомство. Овде да нагласиме дека „дедо Диме попчето, како сите соселани го ословувале, оти на сите гостиварци и пошироко до името задолжително им ставале прекар. Во средни за него години, од невнимание го прегази воз и цел живот беше со ампутирани долни екстремитети под коленици.
Презиме во фамилијата е Димески. Но само татко ми, Весела и Богоја го имаат презимето Јованоски. Овде се прашуваме зошто е тоа така? А одговорот е кристално јасен. Имено, таткото на Блаже се викал Јанче и татко ми не сакал да се презива Јончески, одлучил да се презива Јованоски.
Татко ми уште од мали нозе имал големи афинитети за учење. Кога требало да обавува разни земјоделски работи и да оди на „испаша“ со говеда го користел секој момент и со книгата што ја носел со себе седнувал на прикладно место под ладовина и читал.
Непријатна случка
Еден убав сончев ден, седејќи под ладовина татко ми со книга во рацете, а кој бил на испаша со говеда, го каснала змија. Но, благодарение на брзата интервенција на дедо ми и другите соселани, татко ми бил спасен од фатален исход по неговото здравје.
Дедо ми Блаже го запишува татко ми во дисперзираното „Петре Глигуроски“ во селото Стровија до 4-то одделение, а од петто до осмо одделение учи во своето родно село Гостиражни.
Пофалба
Во една пригода наставникот и новинар Петар Миленкоски од селото Слепче ми нагласи: Биди горд и оди по стапките на својот татко, кој беше прв во генерацијата. Татко ми средното образование го продолжува во гимназијата „Мирче Ацев“ во Прилеп. Седи под курија кај роднина на дедо ми Блаже, веднаш до подрачната единица на МНО Прилеп. Во една мала соба и мизерни услови за живот мора да го приспособи креветот и го скусува.
Родителите му праќаат понекој динар, кој е недоволен за средношколец. Јадел кисели пиперки од „каче“ и пиперки сушени на низа, а за месни производи во тоа време можело само да се сонува, или во месецот месо големо колку една тупаница. Но, и во едни такви услови татко ми продолжува солидно да учи и е рамо до рамо со градските деца. Во тоа време дедо ми со една скромна плата, со која прехранувал многудетно семејство, бил на крстопат дали да го пушти татко ми на студии во Скопје.
Позитивен амин од татко му
Еден ден Блаже се сретнува со неговиот близок роднина д-р Гаврилоски и во еден неврзан разговор со докторот, дедо ми ја кажал недоумицата за татко ми, дали да го пушти да студира медицина во Скопје. Зборовите на д-р Темелко Гаврилоски биле кратки и јасни: „Блаже, ако сака син ти да студира медицина, пушти го да учи. Ако немаш пари, продавај ниви и говеда“. По тој разговор дедо ми дозволува татко ми да се запише на медицина.
Здравствени проблеми
По само една година од студирањето, кај татко ми се појавува проблем со видот… принуден е да ги стави студиите во мирување и заедно со дедо ми бараат соодветен лек за видот. За среќа, со режиската карта што дедо ми ја имал за патување во воз, лекот за татко ми го бараат во Белград, сегашен главен град на Република Србија. Се враќаат со добри вести дома и татко ми веднаш се вработува како учител, најпрвин во селото Дебреште, каде што седи под кирија кај семејството Симески. Иронијата да биде уште поголема, по неколку години со еден член од семејството Симески, поточно со д-р Симе Симески, заедно работат како специјализанти, едниот, д-р Симески, на браншата анестезија и реанимација, а татко ми на ортопедско-трауматолошката гранка.
Во подрачното основно училиште во селото Дебреште работи една учебна година, каде што е наставник во осмо одделение по предметите: Хемија, Физика и Биологија. Овде да напоменам дека татко ми му предавал на поранешен декан на Економскиот факултет во Прилеп, проф. д-р Здравко Стојаноски, кој потекнувал од селото Кошино.
Во наредните две учебни години се преместува како наставник по истите предмети во централното ОУ „Петре Глигороски“ во селото Костинци. Таму седел под кирија една година кај семејството Благоја Баџакоски и една година во училиштето. Во 1963 година се запознаваат со мојата мајка Милица (со моминско презиме Ѓорѓиоска), која потекнува од истоименото село. Исто така, мајка ми потекнува од земјоделско семејство со обработка на тутун и жетва и други земјоделски производи и одгледување овци и говеда. Таткото на мајка ми се викаше Тоде, а мајката Менка. Мајка ми била најстара, а по неа следуваат: Божана, Зоран, Лепосава и Пецо. Нивниот заеднички живот го крунисуваат со брак на 26 јули 1964 година (една година по катастрофалниот земјотрес во Скопје).
Потоа живеат во многудетното семејство кај родителите од татко ми во селото Гостиражни. Татко ми продолжува со студиите на Медицинскиот факултет во Скопје, а мајка ми останува да живее со неговото семејство. Наредната 1965 година на свет доаѓа нивната ќерка Елизабета (која сега е мажена и живее во Охрид). Татко ми успешно продолжува со студиите, каде што ја стигнува неговата генерација од пред неговото мирување со студиите. Генерациски колега на татко ми му бил д-р Димитар Зероски (гинеколог). Во 1967 година татко ми за рекордно време од само три години, заедно со колегата Зероски, го завршува Медицинскиот факултет во Скопје.
Во 1967/1968 година татко ми заминува да го отслужи воениот рок на ВМА во Белград, каде што има чин на својата струка како лекар. По отслужувањето на воениот рок како стипендист на Здравствениот дом во Прилеп, се вработува во амбулантата за итна медицинска помош во Долнени, каде што со своето семејство живее и работи две години.
На 18 август 1969 година доаѓам на свет јас, Рубинчо Јованоски, второ дете на Видое и Милица Јованоски. На почетокот на наредната 1970 година, поточно 19 јануари се селиме во Прилеп, каде што седиме под кирија кај Ѓоре и Ивка Глигуроски на ул. Коле Неделкоски бр. 2. Прв комшија бил сега упокоениот доајен за очни болести д-р Александар Ристески. Во тој период татко ми се вработува во Итната медицинска помош во Прилеп. По само една година седење под кирија, на татко ми му доделуваат двособен стан на ул. Борис Кидрич бр. 4/16, каде што живееше до 28 декември 1991 година, кога се преселивме во нашиот индивидуален станбен објект на улицата Пере Тошев бр. 53, во непосредна близина на СОУ „Орде Чопела“ и ученичкиот дом што го носи истото име.
Еден од основоположниците на Ортопедско- трауматолошкото одделение во Прилеп
Во 1972 година во некогашните стари бараки (наспроти довчерашната Итна медицинска помош, а тогашно Гинеколошко-акушерско одделение), по иницијатива на доајенот по хирургија д-р Христо Зојчески, максилофацијалниот хирург д-р Трајче Башески, ортопедот Боривоје Иваноски и мојот татко Видое го формираат Ортопедско-трауматолошкото одделение во Прилеп.
По само две години работа на тоа, татко ми заминува во Скопје на специјализација на ортопедско-трауматолошката гранка. Но, поради дефицитарен кадар од 1976 до 1978 година, кога и специјализира, работи на Ортопедско-трауматолошкото одделение во Прилеп.
Специјалистичкиот испит, на кој ментор му бил сега упокоениот доајен во тоа време на ортопедско-трауматолошката гранка на нашата земја и пошироко проф. д-р Љупчо Серафимов, а записничар бил неговиот колега, исто така специјализант од Штип, д-р Рамбабов, го брани на 30 март 1978 година.
Во таа природа мојата мајка Милица како подарок му ги дава клучевите на тогашниот ЈУ-мерцедес, „застава 1300 Е“.
Враќање како специјалист во Прилеп
По враќањето во својот град како специјалист ортопед трауматолог почнува со работа на истиот тракт во прилепската болница. Во прво време работи само со сега упокоениот д-р Боривоје Иваноски. Поради дефицитарниот кадар, покрај оперативните зафати и амбулантски прегледи, со д-р Иваноски имаат задолжителна приправност по една недела и визита претпладне и попладне. Потоа како специјалисти ортопеди, најпрвин, доаѓаат сега упокоените д-р Трајче Бошкоски и Методија Ацески, потоа д-р Илија Јованоски, д-р Петар Карески и д-р Златомир Аризанкоски. Оваа шесторка на ортопеди трауматолози долго време дава му помош на своето домиицилно население и во градовите што се соседи со градот под Марковите Кули. Се прават сложени операции на горни и долни екстремитети и се воведуваат нови ортопедско-трауматолошки новини.
Началник на Ортопедско-трауматолошкото одделение
Како еден од најстарите и поискусни ортопеди трауматолози, татко ми приближно две децении беше началник на Ортопедско-трауматолошкото одделение. Истиот тој има коректни односи почнувајќи од хигиеничари, болничари, среден медицински кадар и особено кои своите колеги. Резултат на сето тоа се сплотеност и постигнување солидни резултати и воведување нови методи на повреди на локомоторниот апарат. Пред пензионирањето добива звање стручен соработник.
Примариус
Во почетокот на 2001 година станува примариус по ортопедско-трауматолошки болести. Решението лично му го доделува тогашниот министер за здравство, прилепчанецот Ѓорѓи Оровчанец.
Пензионирање
Со околу 35 години работен стаж како општ лекар, специјалист ортопед трауматолог, Видое на 29 мај 2003 година заминува во заслужена пензија. На крајот, за жал, по 15-месечна борба со подлата и неизлечива болест, поточно ситноклеточен карцином на белите дробови, се упокојува на 6 јули 2016 година.
Автор: Рубинчо Видое Јованоски

































