Фото: ЕХФ

Среќни сме што им оддаваме почит на легендите на нашата игра преку оваа церемонија. Ова претставува одлична можност да ги истакнеме нивните успеси и влијанието што го имаат врз спортот, на теренот и надвор од него, изјави меѓу другото претседателот на Европската ракометна федерација (ЕХФ), Михаел Видерер, за влегувањето на новите членови во „Куќата на славните“, на 14 декември, пред финалето на Европското првенство за ракометарки.
Во „Куќата на славните“ ќе биде примена и легендата на македонскиот ракомет, Индира Кастратовиќ, поранешна истакната репрезентативка на Македонија, која со екипата на Кометал Ѓорче Петров триумфира и во Лигата на шампионите. Кај ракометарите, ова признание ќе го добијат четиринаесетмина, меѓу кои се и Никола Карабатиќ, Микел Хансен и други, а од порано е и најдобриот македонски играч Кирил Лазаров.
Во „Куќа на славните“ ќе влезат: Андреас Тиел (Германија), Матс Олсон (Шведска), Дејан Периќ (Србија), Луминица Хутупан-Дину (Романија). Герго Иванчшик (Унгарија), Лук Абало (Франција), Иван Чупиќ (Хрватска), Никола Карабатиќ (Франција), Микел Хансен (Данска), Кармен Амариеи (Романија), Ања Андерсен (Данска), Љубомир Врањеш (Шведска), Енди Шмид (Швајцарија), Миа Хермансон-Хогдал (Шведска), Стине Офтедал (Норвешка), Волкер Зербе (Германија), Штафан Олсон (Шведска), Индира Кастратовиќ (Македонија), Марта Манге (Шпанија), Игор Вори (Хрватска) и Виран Морос (Шпанија). Г.И.