Молкот на Вселенската патријаршија и прашањето за македонскиот јазик во богослужбата во Грција
- По седум години без одговор на барањето за литургии на македонски јазик се отвора прашањето дали молкот на патријархот на Вселенската патријаршија, Вартоломеј, е само административна тишина или експлицитен показател на подлабока црковно-политичка стратегија?
Барањето што во 2019 година го упати политичката партија Виножито – организација на етничките Македонци во Грција до Вселенската патријаршија беше со едноставна содржина и директно барање: воведување богослужби на македонски јазик во делови од Северна Грција каде што постои македонски православен корпус. Но, и по седум години, одговор нема. Токму тој молк денес станува централна тема, не само за активистите околу Виножито туку и за пошироката дебата за местото на јазикот, идентитетот и верските права во рамките на православниот свет.
Молк што најверојатно од Вселенската патријаршија се сака да се толкува како став
Од перспектива на наши соговорници, кои се експерти за верски прашања, одбивањето или едноставно игнорирањето на барањето не се гледа како неутрална административна практика, туку како политичка порака. Во нивното толкување, Вселенската патријаршија со нејзината воздржаност индиректно го поддржува статус квото во кое македонскиот јазик нема литургиска употреба во Северна Грција. Во писмото што Виножито го испрати во март 2019 година се наведуваше барање за богослужба на „современ македонски јазик“, како дел од поширокото семејство на јужнословенски јазици, со повикување на кирилско-методиевската традиција. Во него се бараше и приспособување на црковната практика кон локалната јазична реалност на православните верници со македонски етнички идентитет. Но одговорот никогаш не пристигна.
Црковниот молк станува политичка порака
Наши соговорници во врска со односот на Вселенската патријаршија велат дека ваквиот игнорантен пристап ја надминува рамката на теолошка или административна претпазливост. Според нив, со непостапување по вакви барања, Цариградската патријаршија индиректно влегува во чувствителни етнополитички прашања во регионот. Во таа линија на критика се поставува прашањето дали институција што се смета за „прва меѓу еднаквите“ во православието може да си дозволи долгорочно игнорирање на барања што се однесуваат на богослужбениот јазик, што е суштински елемент на духовниот живот на верниците. Токму тука се раѓа главната теза на незадоволните, односно дека игнорирањето не е само пропуст туку активен став.
Обвинувања за политизација на верата
Во реакциите од круговите блиски до Виножито се тврди дека црковниот однос кон ова прашање е дел од поширока симбиоза меѓу државните политики во Грција и црковните структури. Според тие тврдења, Вселенската патријаршија не само што не го отвора прашањето за богослужби на македонски јазик туку со својата позиција индиректно учествува во одржување етнички и јазични ограничувања. Овие критики одат и чекор понатаму обвинувајќи ја патријаршијата за отстапување од принципот на духовна универзалност и за приближување кон државни наративи во кои прашањата на идентитетот се третираат како затворени политички теми, а не како пастирска грижа.
Прашањето за правата и европската рамка
Од правен аспект, барањата за богослужба на македонски јазик се реферираат и на пошироките стандарди за јазични и културни права во Европа, вклучително и практиките на Советот на Европа и механизмите за заштита на малцинствата. Во таа перспектива, отсуството на институционален одговор се интерпретира како дефицит на дијалог, а не само како црковно прашање. За нив, станува збор за прашање на еднаков пристап до духовен живот на сопствен јазик, односно право што во други делови од Европа се смета за дел од основните културни слободи.
Црквата меѓу универзалноста и националните граници
Цариградската патријаршија историски се позиционира како наднационален духовен центар на православието. Но токму во вакви прашања се отвора дилемата дали таа улога може да се одржи без активно посредување во чувствителни јазични и идентитетски теми.
– Критиките упатени кон цариградскиот патријарх Вартоломеј се концентрираат околу тврдењето дека со молк или воздржаност се губи таа универзална функција, а се зацврстуваат националните и политичките линии на поделба. Прашањето што останува отворено не е само дали ќе има богослужба на македонски јазик во Северна Грција, односно Егејска Македонија, туку и дали една од највлијателните институции на православието ќе успее да ја зачува својата улога како духовен арбитер надвор од националните и политичките притисоци – велат нашите соговорници, поентирајќи на крајот од разговорот дека „молкот веќе е одговор“! П.Р.
































