Оркестарот на Филхармонијата вечерва, во 20 часот, ќе го одржи концертот насловен „Филиз“, на кој како солистка ќе настапи исклучителната пијанистка Мари-Анж Нгучи (Франција/Албанија). Диригент е маестро Џорџ Џексон од Англија, кој првпат ќе застане пред оркестарот на Филхармонијата, а на програмата се „Трагична увертира“ оп. 81 од Јоханес Брамс, Симфонија бр. 8 „Недовршена“ од Франц Шуберт и Концертот за пијано и оркестар бр. 3 од Сергеј Рахманинов.
Како исклучително талентирана пијанистка, Мари-Анж Нгучи магистрира пијано со највисока оценка на Националниот конзерваториум за музика во Париз во 2014 година, на 16-годишна возраст. Како бескрајно љубопитна уметница, и музички и интелектуално, таа ја продолжува својата наобразба и магистрира и докторира на студиите по музичка анализа и музикологија на Универзитетот во Сорбона. Нејзиниот талент беше препознаен уште по освојувањето на првата награда на меѓународниот натпревар по пијано „Лагни-сур-Марн“ (Франција), во 2011 година. Во 2015 година, таа ја доби и првата награда на меѓународниот натпревар по пијано „Мекензи“ во Њујорк. Нејзиниот обемен репертоар се движи од барок до класичен и романтичен, а изведува и современа музика. Со особен интерес кон музиката на нашето време, Мари-Анж работела со композитори како Тиери Ескаих, Бруно Мантовани, Грацијан Финци, Ален Абот и Мишел Фоасон. Настапите на Мари-Анж, како рецитална уметница, солистка и камерна музичарка ја носат на водечките светски концертни сцени.
Џорџ Џексон е диригент, за кого критиката вели дека е препознатлив по широчината и посветеноста на својата работа, без разлика дали станува збор за оперска продукција, симфониски репертоар или современи партитури, тој успева да изгради силни врски со оркестрите што ги води. Во септември 2022 година Џексон го започнува својот мандат како музички директор на симфонијата „Амарило“, која следната сезона прославува 100 години од формирањето. Исклучителниот нерв во подготвувањето сложени партитури го однесе и на постојан ангажман со ансамблот „Интерконтемпораин“, со кој ја објави светската премиера на „Рајх/Рихтер“ на американскиот композитор Стив Рајх. Во последно време сѐ повеќе е баран како гостин диригент кај европските оркестри, кои ги ценат неговото „бестрашно“ диригирање и темелната техники на подготовка, кои се составен дел од неговите оркестарски проби. Критичарите на британски „Телеграф“ и „Гардијан“ не ги штедат зборовите за овој диригент, за кого велат дека е „внимателен со емоциите во партитурата и дека успева да креира одлична атмосфера и приказна со оркестрите што ги води“.