Во пресрет на 8 Март

Има филмови за кои долго се размислува, такви што нѐ поттикнуваат да мечтаеме или, пак, такви што ќе ги погледнеш и многу брзо ќе ги заборавиш. Но постојат и филмови за силни жени, оние што го менуваат светот. Љубовната тематика е присутна, но не е задолжителна. Ги има од разни жанрови и непредвидливи се како и женскиот пол. Зачувајте ги, бидејќи некогаш вистинскиот збор што ќе го слушнете во вистинско време или некој филмски цитат можат да ви го смени животот.

„Живот во розово“
Ова е длабока и емотивна биографска приказна за француската дива Едит Пјаф, чиј живот личел на борба за право на живот, право да се пее, да се сака. Оваа приказна стана ремек-дело, бидејќи на мајсторски начин ја пренесе атмосферата на Париз, луд, див, а истовремено волшебен. Но тој им изгледа симпатично и романтично само на оние што не го познаваат добро. Во такви околности се раѓа и вистинскиот талент на Едит Пјаф.

„Војникот Џејн“
Филм без интриги и скапи битки. Но затоа е еден од ретките што веродостојно ни покажуваат каква може да биде силата на човековата волја. Во овој случај тоа е – жена. „Војникот Џејн“ има неколку незаборавни сцени, а сценариото е извонредно. Една од причините зашто филмот стана класик.

„Насмевката на Мона Лиза“
Мудар женски филм, кој нѐ учи што е достоинство, храброст, упорност. Но многу поважно е нешто друго – ни покажува колку е важно да мислиме со своја глава. Поради тоа, а благодарение и на одличната актерска екипа, филмот не е вулгарно феминистички, туку благо сеопфатен, како и женската интуиција.

„Девојка од милион долари“
Овој филм ништо не разубавува. Тој ја покажува сета суровост на животот. Но кога тој нѐ предизвикува, само оној кој е решителен, храбар и упорен може да му одговори и да се согласи на борба. Режисерот Клинт Иствуд мошне добро се фокусира на деталите, а глумците сѐ што преживеале им го пренесуваат на гледачите. И покрај суровоста, тука нема место за солзи и за глупав „хепиенд“, бидејќи целта е да се стане шампион во бокс.

„И ѓаволот носи ‘прада’“
Светот на модата и гламурот е убав, но истовремено и суров. Само една мала грешка и веќе не си на тронот. Се разбира, филмот не е епохален, снимен е како драма-комедија, но е одличен. Лесен, пријатен, со добро осмислено сценарио, кое го оживуваат извонредните Мерил Стрип и Ен Хатавеј.

„Кралицата“
Филмот „Кралицата“ на режисерот Стивен Фрирс е еден од подобрите и повозвишени филмови за тешкиот период на англиското кралско семејство, по загинувањето на принцезата Дијана. Како е да се биде кралица на која ѝ се упатени многу непријатни зборови, дали да се препушти на емоциите или да се држи онака како што му прилега на еден монарх? Треба да се има сила да се бориш и со микрофоните и камерите вперени во тебе.

„Ерин Брокович“
Приказната за Ерин Брокович е за една силна, но истовремено и слаба жена, која поради околностите мора да ја скрие својата слабост. Таа не е генијалка, но упорноста и нерамнодушноста кон туѓите судбини ѝ овозможуваат да стори нешто невозможно – да победи една моќна корпорација, која во вистинска смисла ги труе луѓето. И ако се колебате во своите способности, задолжително погледнете го овој одличен филм.

„Фрида“
Извонреден филм за една извонредна жена со бунтовна природа, за нејзината незадржлива желба и енергија како на буен извор. Фрида имала само 20 години кога се омажила за најпознатиот мексикански уметник Диего Ривера. Тој бил доста постар од неа, многу богат и развратен. Овој филм говори не само за генијалната уметница туку и за Фрида како жена, на која на прво место ѝ се љубовта и семејството. И извонредната музика во филмот го дополнува впечатокот.

„Јади, моли се, сакај“
Овој филм, снимен според истоимениот бестселер, е едноставен рецепт против депресијата. Изберете која било од три земји на „И“, веднаш тргнете на патување и почнете да се запознавате себеси. На главната хероина (Џулија Робертс) тоа ѝ успеа, дојдено е времето за вашата оригинална приказна.

„Златен век“
Уште една прекрасна приказна за тоа дека не е лесно да се биде кралица. Но ова не е историска сага, туку филм за жената Елизабета Прва, која не си припаѓала себеси ниедна минута. Била лишена и од наједноставните животни радости. Неизвесноста, стравот, предавството, емоциите, величественоста – сето тоа е опфатено со епопејата „Златен век“, со едноставно сценарио, раскошни костими и извонредна глума.

„Таму каде што е срцето“
Еден од најубавите филмови за љубовта, простувањето и пријателството. Навидум банална приказна, стара колку и светот. Бремена девојка е оставена од момчето за кое таа верувала дека ќе ѝ стане животен сопатник. Но, сепак, животот нема да биде толку лош, само не треба да се очајува, да се обвинува судбината за што било и не треба да се откажуваме. Само треба да одиме напред, без да се оптоваруваме со злото, да им помагаме на луѓето и да му се радуваме на животот. Звучи како фраза, но за повеќемина тоа е клучот за среќата.

„Јованка Орлеанка“
Историска приказна со вакви јунаци лесно може да биде здодевна и патетична, но авторите на филмот се потрудиле ликот на Јованка, која извонредно ја одглуми Мила Јовович, да ни го прикажат многу убедливо. Таа носи со себе верба и правдољубивост, она што секогаш му е потребно на светот.

„Челична леди“
Филмот не мина без патетика, но Мерил Стрип, како и секогаш, се спаси. Истовремено е зачуван и ликот на Маргарет Тачер, пред која само треба да се поклониме. Таа беше политичарка што дејствува, жена што ја избира кариерата пред семејството. Лидерка на земја што знае кога достоинствено да си замине. Ова е филм што задолжително треба да се гледа.

„Евита“
Извонреден мјузикл, кој говори за миленичката на цела Аргентина, Евита Дуарте де Перон. Приказна за нејзиниот животен пат, кој одлично го оживеа Мадона и успеа да ги пренесе темните и светлите страни на хероината, а истовремено и нејзините амбиции и стравови.
Се разбира, музиката заслужува посебни пофалби, бидејќи композиторот Ендрју Лојд создал вистинско ремек-дело.

„Џиа“
Ако треба да се опише филмот со еден збор, тоа е – одличен. На гледачите им е прикажана целата сурова вистина за моделството. На прв поглед тоа е посакуван живот за секоја девојка, исполнет со фотосесии, средби, настапи… Но оваа приказна има и своја темна страна, а младата Анџелина Џоли како манекенка е одличен избор за главниот лик.

„Коко Шанел“
Ова е филм за една силна жена што не се плашеше да му се спротивстави на јавниот морал, да им го смени изгледот на жените, кои дотогаш носеле корсети, карневалски фустани и шешири. На некои им пречи бавноста на филмот, а за други, пак, тоа е неговата убавина. Сепак, филмот е како животот во кој понекогаш времето лето, а некогаш како да стои. Одри Тату беше извонредна во улогата на Коко Шанел.