Бугарија во пресрет на парламентарните избори на 19 март
- Растот на политичкиот проект Прогресивна Бугарија поврзан со поранешниот претседател на Бугарија, Румен Радев, носи јасна предност во анкетите, но економската криза и фрагментираната сцена најавуваат неизвесен постизборен расплет
Во пресрет на предвремените парламентарни избори во Бугарија, закажани за 19 април, политичката сцена влегува во завршница обележана со јасен фаворит, но без извесен исход. Последните истражувања на јавното мислење упатуваат на консолидирање на поддршката околу политичкиот проект поврзан со поранешниот претседател Румен Радев, но истовремено и на продолжување на хроничната нестабилност што ја карактеризира бугарската политика во последните години.
Анкетата на „Сова Харис“, спроведена на почетокот на април, ја позиционира коалицијата Прогресивна Бугарија како убедлив лидер со 33,6 проценти поддршка меѓу определените гласачи. На второто место останува коалицијата ГЕРБ-СДС со 19 проценти, што укажува на значителен јаз меѓу првиот и вториот политички блок. Овој резултат не е изолиран случај, туку дел од поширок тренд. Уште во март, поддршката за Прогресивна Бугарија се движеше околу 31 процент, додека друго истражување на „Алфа рисрч“ на крајот од месецот ја регистрираше на 30,8 проценти. Во тој контекст, изгледа дека растот е стабилен и постепен, а не резултат на краткорочен политички импулс.
Економијата во центарот на кампањата
Сепак, изборната динамика не се сведува само на партиските рејтинзи. Кампањата сè повеќе се фокусира на економските прашања, кои доминираат во јавниот дискурс. Високите цени и инфлацијата се наметнуваат како централна тема, при што повеќе од половина од гласачите ги посочуваат како најсериозен проблем. Дополнително, речиси 70 проценти од граѓаните изразуваат страв дека економската криза може дополнително да ја влоши нивната финансиска состојба.
Овој податок не само што ја објаснува политичката мобилизација туку и ја отвора дилемата дали економската несигурност ќе донесе промена или ќе ја продлабочи фрагментацијата на политичката сцена.
Процена на истражувачите е дека околу три милиони избирачи, од вкупно над 6,5 милиони со право на глас, би излегле на избори
Интересот за изборите е релативно висок, но не и доволен за драматичен пресврт. Процените се дека на гласање би можеле да излезат околу три милиони избирачи, од вкупно над 6,5 милиони со право на глас. Ова укажува дека последната недела од кампањата ќе биде клучна – не само за убедување на неопределените туку и за мобилизација на традиционалните гласачки бази.
Според актуелните мерења, најмалку шест политички формации имаат реални шанси да влезат во новиот состав на парламентот. Но токму тука лежи суштинскиот проблем: и покрај јасната предност на Прогресивна Бугарија, ниту една политичка сила не се наѕира како доволно силна за самостојно формирање влада. Тоа ја остава отворена можноста за нови сложени коалициски преговори и потенцијално продолжување на институционалниот ќор-сокак.
Во таква поставеност, изборите на 19 април повеќе личат на уште една етапа од долготрајната политичка криза отколку на нејзино решавање. Растот на политичкиот проект поврзан со Радев несомнено е најсилниот сигнал на кампањата, но без јасен коалициски капацитет, тој засега останува само најава – а не гаранција – за стабилна власт во Бугарија. Р.С.































