По промоцијата на новата книга „Неочекувано“ од Ана Мовска и одбележувањето на Светскиот ден на радиото, со концерт на „Скопје џез инк“ во „Литература.мк“, денеска ќе биде одбележан Денот на вљубените, со целодневниот настан „Состанок на слепо со книга“. Имено, сингл-посетителите на „Кафе литература“ во „Дајмонд мол“, „Скопје сити мол“ и во „Ист гејт мол“ ќе добијат подарок книга. За време на викендот, на програмата повторно ќе има настани за младите читатели. В сабота (15 февруари) во 12 часот во „Литература.мк“ во „Ист гејт“ ќе се одржи настан за сите обожаватели на најпопуларниот волшебник Хари Потер. На настанот обожавателите можат да дојдат маскирани во омилените ликови од овој волшебен серијал, а ќе има квиз на знаење и работилница за најмладите. Истиот ден, во 12 часот, во „Литература.мк“ во „Сити мол“ ќе се одржи дружба со Стела и Сани.
В недела (16 февруари), најмладите повторно ќе се дружат со Биби и Боби, овој пат точно напладне, во книжарницата во „Дајмонд мол“.
Во рамките на петтото издание на „Денови на литературата“, кое се одржува од 7 до 23 февруари во сите книжарници на „Литература.мк“, се понудени попусти на книги до 70 отсто, грепки со подароци, книжевни промоции, интерактивна програма за деца и за обожаватели инспирирана од Хари Потер, Покемон и Исидора Мун, како и дружби со Биби и Боби и Стела и Сани.
Во продажната акција има попусти на најбараните книги за возрасни и за деца од 18 македонски издавачки куќи: „Арс ламина“, „Академска книга“, „Антолог“, „Бата прес“, „Бегемот“, „Ид-концепт“, „Или-или“, „Мартина“, „Муза“, „Нампрес“, „Полица“, „Прозарт“, „Сакам книги“, „Сказнувалка“, „Слово“, „Светот на Биби“, „Три“ и „Чудна шума“.
Продажната акција „Денови на литературата“ се одвива во сите книжарници на „Литература.мк“ во Скопје, во Битола (на Широк сокак) и во Струмица.
Подготвени се и изненадувања за посетителите – со купени книги во книжарниците во вредност од минимум 1.500 денари следува грепка со подарок. Меѓу подароците се: комплети со книги од Петре М. Андреевски, Оливера Николова, Блаже Конески, Орхан Памук, Милан Кундера, Д-р Неле Карајлиќ, Барак Обама и Мишел Обама, серијалите Хари Потер и „Темната граѓа“, „Прва училишна енциклопедија“, „Мојата прва библиотека“, „Мали умни глави“, детски класици на англиски јазик, како и блузони, зимски капи и друго. Секоја грепка е добитна.