Научниците открија женски микроскопски кружен црв што бил заглавен длабоко во сибирскиот вечен мраз веќе 46.000 години, пренесува „Вашингтон пост“.
Кога го оживеале, црвот почнал да се репродуцира преку процес наречен партеногенеза, за кој не е потребен партнер.
Според соопштението за печатот, црвот поминал илјадници години во еден вид мирување наречено криптобиоза. Во оваа состојба, која може да трае речиси неодредено, сите метаболички процеси паузираат, вклучувајќи и „репродукција, развој и поправка“, според Универзитетот на Хаваи во Маноа.
Во студијата објавена неодамна во списанието „ПЛОС џенетикс“, научниците објавија дека по секвенционирањето на геномот на црвот, научниците рекле дека му припаѓа на „неопишан вид“.
Претходно, нематодите плексус мураји и тиленкус полихипнус беа оживеани од примероци од мов и хербариум по децении. Меѓутоа, овој нов вид, наречен панагролаимус колимаенсис, е во мирување десетици илјади години подолго.
Биологот Холи Бик проценува дека има милиони видови нематоди што живеат во различни средини, како океански ровови, тундра, пустини и вулкански почви. Научниците досега опишаа само 5.000 морски вида.
Вилијам Кроу, нематолог од Универзитетот во Флорида, кој не бил вклучен во студијата, изјави дека црвот можеби му припаѓа на вид што исчезнал во последните речиси 50.000 години.
Фактот дека црвот преживеал сите овие години не е шок за научниците, кои со години знаат дека микроскопските организми, како црвот што се проучува овде, можат да ги исклучат своите биолошки функции за да преживеат дури и во најтешки услови, се наведува во соопштението.