Фото: Пиксабеј

Здравствени придобивки од омилените закуски

Јадењето грст печени бадеми со мед секој ден може да звучи како чисто уживање, но тоа може да биде и здрав начин за подобрување на нивото на холестерол во крвта. Две нови студии укажуваат дека медот и бадемите поединечно имаат својства што помагаат во заштита од срцеви заболувања. Сепак, тоа не значи дека сега можеме да уживаме во слатки како баклава со надеж дека ќе го намалиме холестеролот.
Наместо тоа, велат научниците, медот и бадемите треба полека да се воведуваат во исхраната и да се заменат со друга висококалорична храна, со цел да се искористат сите придобивки, а притоа да не се предизвика дебелеење.
Во првата студија, истражувачите од Универзитетот во Илиноис откриле дека медот содржи исто количество антиоксиданти како овошјето и зеленчукот, вклучувајќи спанаќ, банани, портокали и јагоди. Сепак, ќе треба да јадете значително количество мед за да ја добиете истата доза антиоксиданси што ја добивате со јадењето парче овошје. Тоа можеби звучи како многу мед, но авторот на студијата, д-р Ники Енгсет, вели дека додавањето мало количество мед може да ги зголеми ефектите од здравата храна за срцето и на тој начин да ги држи нивоата на холестерол под контрола.
– Медот може да ги замени шеќерот и другите засладувачи што се користат и на тој начин да обезбеди значителни количества антиоксиданти – вели д-р Енгсет.
Таа и нејзините колеги откриле дека внесувањето мешавина од четири лажици мед со две чаши вода ги зголемило нивоата на антиоксиданти во крвта кај 25 мажи што учествувале во нивната петнеделна студија. Истражувачите велат дека тоа е првпат медот да има антиоксидантни ефекти кај луѓето.