Фото: ЕПА

Сослушувањето пред сенатските и конгресните комисии претставува извонредна можност за сенаторите и конгресмените јавно да постават директни прашања и да бараат прецизни одговори за одредени појави или проблеми, врз основа на строго утврдена процедура. Овој пат покана за сослушување пред сенатската комисија за разузнавање добија највисоките шефови на разузнавачката заедница во САД. Имено, исклучително е важна улогата на сенатските и конгресните комисии во делот од контролата на државната управа, како силен контролен механизам во функција на владеењето на правото и на правната држава. Во тој контекст, сенаторите и овој пат поминаа доста време испрашувајќи ги шефовите на американското разузнавање за многу актуелни прашања и безбедносни предизвици и закани за САД

Шефовите на американската разузнавачко- безбедносна заедница излегоа во јавноста со процени за најголемите безбедносни закани на Америка

Комитетот за разузнавање на американскиот Сенат на годишното сослушување во врска со главните закани за Америка, изминатата среда, ги испрашуваше највисоките раководители на безбедносно-разузнавачката заедница на САД. Имено, за опасностите што демнеле и демнат над САД, во врска со политичките, економските, воените, здравствените и други предизвици во претстојниот период, сенатската комисија наспроти себе ги седна и бараше одговори од:
– директорката на националното разузнавање Аврил Хејнс;
– директорот на ЦИА, Вилијам Барнс;
– директорот на ФБИ, Кристофер Вреј;
– директорот на Одбранбената разузнавачка агенција;
– генерал-полковникот Скот Бериер; и
– директорот на НСА, генералот Пол Накасоне.
Сослушувањето претставува можност за сенаторите јавно да постават директни прашања и да бараат прецизни одговори врз основа на строго утврдена процедура до највисоките шефови на разузнавачката заедница во САД. Имено, исклучително е важна улогата на сенатските и парламентарните комисии во делот од контролата на државната управа, како силен контролен механизам во функција на владеењето на правото и на правната држава. Во тој контекст, сенаторите и овој пат поминаа доста време испрашувајќи ги официјалните лица за многу актуелни прашања и безбедносни предизвици и закани за САД, почнувајќи од „нуклеарна војна, преку насилството на белата надмоќ, па до прашања од безбедносен карактер поврзани со Тикток“.
Од испрашувањата пред Комитетот за разузнавање на Сенатот, очигледна е впечатливата промена во приоритетите за национална безбедност на Америка. Сега САД се оддалечуваат од дведецениското фокусирање на исламскиот тероризам и војните на Блискиот Исток кон сè посложена мрежа на технолошки и сајбер-закани, заедно со домашниот екстремизам.
Во тој контекст, сенаторот Марк Ворнер, демократ од Вирџинија, кој претседава со споменатиот сенатски комитет, изјави дека „самата природа на националната безбедност претрпува длабока трансформација“ и дека „не може повеќе да обрнуваат внимание на тоа кој има најмногу тенкови, авиони или проектили“.

Хејнс: Кина би имала најголема корист со спречување на спиралата на тензии

Директорката на националното разузнавање Аврил Хејнс го впери прстот кон Кина, како една од најголемите разузнавачко-безбедносни закани кон САД. Имено, таа прва истакна дека претседателот на Кина, Си Џинпинг, започнува со трет мандат и тој ќе продолжи да работи на својата визија да ја направи Кина „истакната сила во Источна Азија и голема сила на светската сцена“, при што Хејнс истакна пред сенатската комисија оти тој „сè повеќе е убеден дека тоа може да го направи само на сметка на моќта и влијанието на САД“.
Тензиите меѓу САД и Кина се разгореа минатиот месец, кога САД соборија кинески балон што го наруши американскиот воздушен простор, по што државниот секретар Антони Блинкен го откажа своето патување во Кина.
Образложувајќи ја позицијата на официјален Пекинг, директорката на националното разузнавање Аврил Хејнс истакна дека „кинеските лидери од неодамна ја заострија својата реторика кон Вашингтон“, при што кинескиот претседател изјавил дека „опкружувањето и потиснувањето“ предводени од САД се виновни за економските проблеми на Кина. Хејнс ја истакна и репликата на кинескиот министер за надворешни работи на Пекинг, кој предупредува на неизбежна „конфронтација и конфликт“ (мислејќи помеѓу САД и Кина). Но директорката на националното разузнавање Аврил Хејнс исто така истакна дека „кинеските лидери сè уште веруваат дека нивната земја би имала најголема корист со спречување на спиралата на тензии и со зачувување на стабилноста во односите со Соединетите Американски Држави“.

Тикток во фокусот на прашањата за националната безбедност од страна на сенаторската комисија

Сенаторите потрошија значително време испрашувајќи ги шефовите на разузнавачките служби на САД во врска со ризиците за национална безбедност што ги носи Тикток. Имено, тоа е кинеска социјална видеоапликација, а според американското ФБИ, таа апликација ја користат повеќе од 100 милиони луѓе. Директорот на ФБИ, Крис Вреј, рече дека „кинеската влада потенцијално може да го користи Тикток за контрола на податоците на милиони Американци и го користи како алатка за влијание за да го обликува јавното мислење за земјата доколку го нападне Тајван“.
Во тој контекст, членот на сенатската комисија Марко Рубио од Флорида, главниот републиканец во Сенатот за разузнавање, излезе со заклучок дека „најголемата закана со која се соочува Америка не е друга земја“, туку тоа е социјалната мрежа Тикток, која „сака да ги собира нашите податоци, манипулира со информации“ и „тоа е тест дали имаме или не способност и волја точно да ги процениме и соодветно да ги приспособиме нашите надворешни и домашни политики во ова време на историски, револуционерни и нарушувачки технолошки, социјални, економски и геополитички промени“.
Иако апликацијата не беше спомната во извештајот на разузнавачката заедница од 40 страници, објавен токму на денот на сослушувањето, токму Тикток се соочува со зголемена контрола во Вашингтон. Белата куќа го поддржа новиот двопартиски предлог-закон во Сенатот минатата недела, кој ќе ѝ даде на администрацијата на Бајден овластување да ги забрани технологиите базирани на странство што претставуваат закана за националната безбедност, еден од неколкуте законодавни обиди за ограничување на социјалната апликација.

Сè уште нема консензус за потеклото на пандемијата на ковид-19

Шефовите на американското разузнавање се согласија дека нивната заедница останува поделена за потеклото на ковид-19. Тековната дебата за потеклото на пандемијата беше оживеана со неодамнешниот извештај на „Волстрит журнал“ дека американското министерство за енергетика, кое надгледува мрежа на национални лаборатории, проценило со мала веројатност дека истекувањето од лабораторија во Вухан, Кина, е потеклото на вирусот.
Директорката на националното разузнавање Аврил Хејнс рече дека нема консензус за тоа дали пандемијата започнала поради „протекување од лабораторија“ или „природна изложеност на заразено животно“. Во тој контекст таа истакна дека „Кина не соработувала целосно и тоа е клучна критична празнина што би помогнала да се разбере што точно се случило“.
Во врска со предизвиците и опасностите од руско-украинската војна, директорката на националното разузнавање Аврил Хејнс рече дека малку е веројатно дека Русија ќе оствари „големи територијални придобивки“ во 2023 година, бидејќи војната во Украина продолжува. Таа истакна пред комисијата процена дека „на претседателот Владимир Путин му недостига човечка сила или ресурси за да го сврти бранот на војната во корист на Русија“, нарекувајќи го конфликтот „жестока исцрпувачка војна, во која ниту една страна нема дефинитивна воена предност“. Додека руските трупи прават „поголем напредок“ во источниот град Бахмут, како што рече таа, тоа не е „особено стратегиска цел“.
– Не предвидуваме дека руската војска ќе закрепне доволно оваа година за да постигне големи територијални придобивки. Но Путин, најверојатно, пресметува дека времето работи во негова корист и дека продолжувањето на војната, вклучувајќи и со потенцијални паузи во борбите, може да биде неговиот најдобар преостанат пат за евентуално обезбедување на стратегиските интереси на Русија во Украина, дури и ако тоа трае со години – изјави Хејнс пред пратениците.

Насилството на „белата супремација“ претставува „најсмртоносна закана“ за Американците

Во извештајот за некласифицираните светски закани се забележува дека американските разузнавачи веруваат дека „иако Москва не сака директен воен конфликт со силите на САД или НАТО, сепак постои ’значителен’ ризик од ескалација“.
Имено, во споменатиот извештај се вели: „Бидејќи големите загуби на бојното поле ги деградираа конвенционалните способности на Русија, таа ја зголеми својата зависност од нуклеарно оружје. Постои реален потенцијал руските воени неуспеси во војната да ѝ наштетат на домашната положба на рускиот претседател Владимир Путин и со тоа да предизвикаат дополнителни ескалациски акции од страна на Русија во обид да ја врати поддршката од јавноста“.
Но, пред сѐ, најзначајно е да се истакне дека, според новиот извештај, расно и етнички мотивираните екстремисти, вклучувајќи ги и белите супремацисти и неонацистите, „остануваат најсмртоносната закана за американските лица и интереси“!
„Овие актери сѐ повеќе се обидуваат да сеат социјални поделби, да ги поддржуваат владите во фашистички стил и да ги напаѓаат владините институции“, се наведува во извештајот.
Иако ова не беше нова процена, сенаторот Том Котон, републиканец од Арканзас, се спротивстави на, како што ја нарече, „политизацијата“ на извештајот.
– Дали сте сериозни – ги праша тој шефовите на разузнавањето, прашувајќи двапати дали навистина веруваат дека расно мотивираните екстремисти претставуваат поголема закана за Американците од ИСИС или Ал Каеда.
– Да – одговори Хејнс. – Едноставно е прашање колку луѓе се убиени или ранети како последица на нападите.
– Ако го измерите ова во однос на вашите изгубени американски животи или луѓе што биле ранети, мислам дека тие статистики го потврдуваат тоа – се согласи Брнс.
– Сметам дека ова е зачудувачки – одговори на тоа сенаторот Том Котон.