Лајчак и Вучиќ ги почнаа разговорите како подготовка за Охридската средба / Фото: ЕПА

Оптимизам кај меѓународните актери за разврзување на косовскиот јазол, но воздржаност кај Србија и Косово

Известувачката на Европскиот парламент за Косово, Виола фон Крамон, изрази силна надеж дека ќе се постигне договор меѓу Косово и Србија на 18 март во Охрид, каде што ќе се одржи следната средба на високо ниво во рамките на меѓусебниот дијалог. Фон Крамон на Твитер напиша дека овој договор би бил важен чекор за европската интеграција на двете земји.
Нејзиниот твит беше одговор на твитот на германскиот амбасадор во Косово, Јорн Роде, кој ги повика Белград и Приштина „да не го пропуштат возот“.
Како што е веќе познато, косовскиот премиер Албин Курти и српскиот претседател Александар Вучиќ се очекува да се сретнат на 18 март во Охрид за да го потпишат француско-германскиот договор, познат и како европски, што веќе го огласија на 27 февруари во Брисел.
Во рамките на последни подготовки за средбата меѓу српскиот и косовскиот лидер во Охрид, специјалниот претставник на Европската Унија за Западен Балкан, Мирослав Лајчак, вчера ја започна посетата на Белград.
– Денеска и утре ќе бидам со Лајчак и ќе се обидам да зборуваме за тоа што можеме да го направиме, а не за што можеме да сонуваме. Ако некој не е подготвен ни да зборува, а камоли да ја спроведе ЗСО, не знам што е поентата. Но, еве, да не зборувам ништо повеќе од тоа – изјави српскиот претседател Александар Вучиќ пред средбата со Мирослав Лајчак, специјалниот пратеник на Европската Унија за дијалог меѓу Белград и Приштина.
Тој најави дека ќе ѝ се обрати на јавноста в среда или четврток, пред неговото патување во Охрид, кога ќе каже како гледа на ситуацијата, што мисли за сè и што ќе прави Србија во наредниот период.
Во фокусот на разговорите во Белград е патоказот за имплементација на договорот за патот кон нормализација на односите меѓу Косово и Србија, за кој Вучиќ и Курти, според шефот на европската дипломатија Жозеп Борел, се согласиле на 27 февруари во Брисел. ЕУ го објави целиот предлог-договор за патот кон нормализација на односите меѓу Косово и Србија.
Од друга страна, косовскиот политички аналитичар Газмир Раци изрази скептицизам дека следната сабота, на 18 март, во Охрид, Србија ќе го потпише европскиот договор за нормализација на односите меѓу Косово и Србија. Тој смета дека постои можност Србија во последен момент да го отфрли овој план.
Раци, кој беше во тимот на Едита Тахири кога таа го водеше дијалогот меѓу Приштина и Белград, вели дека на средбата во Брисел на 27 февруари Србија не го потпишала договорот, иако Косово било подготвено да го потпише.

– Сè уште сум скептичен. Може да се случи Србија во последен момент да одбие да го потпише тој документ, бидејќи во своите геополитички игри го вклучи прашањето за Русија и санкциите против неа поради Украина и сака да добие повеќе од меѓународната заедница преку овој план за Косово – изјави Раци за косовските медиуми.
Тој смета дека „меѓународната заедница овој пат треба да биде многу јасна со Србија“, бидејќи ако Србија нема интерес да се врати на Запад, тогаш Косово не може да биде „заложник“ додека Србија не одлучи каде ќе оди во надворешната политика.
– Важно е Косово целосно да се усогласи со американските и европските позиции, па би било добро планот да биде усвоен на 18 март, бидејќи се вели дека од 20 до 24 март шефовите на државите на ЕУ ќе го одобрат тој документ, што е силна гаранција дека неодамнешните договори ќе бидат директно надгледувани од ЕУ и ќе бидат главната мерка на патот на Косово и Србија кон ЕУ – рече Раци.

Подготвил: Mарјан Велевски