Железничката несреќа кај Темпи ги отвори уште еднаш непријатните теми за модернизацијата на грчката железница која не се одвива според договореното / Фото: ЕПА

Грција

Во изминативе 20 години речиси 800 милиони евра се доделени како помош за грчките железници од страна на Европската Унија, обелодени претставник на Европската комисија во коментар за грчки „Катимерини“.
Ваквата вест доаѓа две недели по тешката железничка несреќа близу Темпи, во која загинаа 57 лица, а стотина беа повредени. Трагедијата отвори низа прашања во грчката јавност, но сега се јавија и високи претставници на Европската Унија, при што се открива дека Унијата повеќе од 20 години инвестира во модернизација на грчките железници, но засега нема некој поголем напредок на тој план.
Напротив, според статистичките податоци изведени од извештајот на Европската агенција за железници, објавен во 2022 година, за вкупниот број на смртни случаи во периодот 2018-2020 година, Грција постигна најлоши резултати во примерок од 29 европски земји. За периодот 2010-2020, Грција го имаше седмиот најлош ефект во примерок од седум европски земји.
Дополнително, Грција има второ најлошо остварување во несреќи што се случиле на железнички премини и последно по самоубиства на железничката мрежа.
Сите овие показатели не останале незабележани во европските институции. „Европската агенција за железници најмалку од 2014 година ги предупредува владите во Грција, како и Комисијата за безбедносни недостатоци во грчките железници“. Со овие зборови извршниот директор на оваа организација, Јозеф Допелбауер се осврна на извештаите што укажуваат на слабостите на грчкиот систем во однос на остатокот од Европа. Сепак, тој не сака директно да се поврзе трагедијата во Темпи со долгорочните одложувања во надградбата на мрежата, во очекување на завршување на истрагата за точните причини за несреќата.
Според забелешките од Европа, главното отворено прашање во грчката железничка мрежа е имплементацијата на Европскиот систем за управување со железничкиот сообраќај (ERTMS), кој Грција се обврза да го испорача до крајот на 2023 година. Клучното прашање е дали несреќата во Темпи би била избегната доколку современиот систем веќе бил активен на денот на трагедијата.

Во тој контекст, интересно е искажувањето на неименуван портпарол на Европската комисија, кој за „Катимерини“ изнесува податоци што изненадуваат, бидејќи ефектот од нив е речиси невидлив. Имено, првата сума за инсталирање на Европскиот систем за управување со железничкиот сообраќај (ERTMS) веќе ѝ била доделена на Грција уште во 2000 година. Портпаролот тврди дека има континуирана поддршка со финансирање од Европската Унија и истакна дека и покрај сите напори земјата да се усогласи со европското законодавство, „железничката инфраструктурна мрежа во Грција сè уште е во сопственост и управувана од целосно државни компании“.
– Сè уште има потреба од подобрувања на грчките железнички линии – изјавил портпаролот, додавајќи дека во планот на комисијата, за закрепнување и отпорност, воведен за да ѝ помогне на земјата да закрепне од пандемијата на ковид-19 со средства од ЕУ, грчката влада ја идентификувала потребата да се подобри инфраструктурата и нејзиното управување како приоритет.
Тој рече дека владата ги препознала проблемите поврзани со управувањето со железничките проекти и се согласила за голем број реформи што треба да се спроведат во наредните години.
Од 2014 година, ЕУ исплати 697,3 милиони евра за грчките железници. Дополнително, уште 87,8 милиони евра се исплатени од 2000 година до денес во форма на кофинансирање со Грција. Како што се наведува, ќе следуваат дополнителни 130 милиони евра од Фондот за закрепнување и 50 милиони евра од Програмата за јавни инвестиции.
Европските средства за грчките железници доаѓаат од три главни извори: пакетот за кохезиона политика, поврзувањето на Европа и планот за закрепнување и отпорност.