Скандалот со Фејсбук и фирмата за анализа на податоци „Кембриџ аналитика“, која работела во кампањата на американскиот претседател Трамп, отвори многу нови прашања и недоумици за тоа колку оваа социјална мрежа знае за корисниците и како ги користи нивните податоци. „Кембриџ аналитика“ искористила податоци на повеќе од 50 милиони корисници на Фејсбук – потсетник за корисниците на оваа социјална мрежа дека податоците што ги споделуваат (фотографии од семејствата, информации за своите интереси, политички ставови и слично) може да се злоупотребат и искористат на различни начини.

Постојат многу аспекти од имањето профил на Фејсбук и не е важно дали тој се користи ретко или често. Податоците постојат во дата-базата на оваа компанија.
Собирањето и користењето на личните информации првично започнува кога корисникот ќе се регистрира на платформата. Потоа, податоците се ажурираат и дополнуваат со почесто користење на профилот и продолжува кога корисниците додаваат апликации од трета страна.

Кога се регистрира профил на Фејсбук, неопходно е да се споделат овие податоци:
– име и презиме
– пол
– датум на раѓање
– имејл или телефонски број
Оттука, Фејсбук ги собира и ги складира личните податоци и ги ажурира со фреквентното користење на профилот. Па, така, често корисниците може да бидат цел на реклами генерирани од нивните интереси, вклучувајќи ги и нивните лични информации и нивните лајкови и кликови. Ова значи дека Фејсбук ги следи и ги складира податоците и интересите, а постојат информации за:

– секоја реклама на која ќе кликне корисникот;
– лични информации од профилот, вклучувајќи поранешни училишта, момински презимиња, место на работење, родни градови, моментални места на живеење, користење други социјални мрежи, политички ставови и определби, групи и многу други податоци;
– сите ИП-адреси што корисникот ги користел за да се вклучи на својот фејсбук-профил;
– секој пријател што го имал на Фејсбук, вклучувајќи ги и оние што го избришале својот профил;
– целосната активност од првиот ден на користењето на профилот – Фејсбук ја нарекува оваа активност „дневник на активности“, во која се складирани сите објави и активности на корисникот од самиот почеток. Тука се зачувани и сите фотографии на кои е означен корисникот, конекциите што ги создал (на пример кога ќе се поврзе со нови пријатели или ќе лајкне некоја нова страница). Сумирано: Фејсбук знае за секоја објава, пријател и пребарување на својата мрежа.

Иако на прв поглед изгледа навистина страшно, сериозните проблеми почнуваат со апликациите од трета страна. Ова се апликации како играта „Кенди краш“, „Еир би ен би“, „Спотифај“, „Убер“ и многу други што овозможуваат најавување преку профилот и лозинката на Фејсбук. Иако првично изгледа многу погодно (користење една лозинка за повеќе платформи), тоа е начинот на кој всушност апликациите од трета страна ги имаат податоците.

Секоја апликација од трета страна е различна во однос на тоа какви информации собира и складира во дата-базите. Важно е да се напомене дека доколку постои намера да се заштитат личните податоци, мора да се прочитаат условите што се прифаќаат (дури и доколку текстот е долг и комплициран) пред да се притисне дека се прифаќаат условите за користење. Вообичаено, апликациите се заинтересирани за имињата, полот и локацијата на корисниците, но постојат и апликации што подетално ги разработуваат личните информации и мрежите на пријатели.

Оттука, сè што треба за да се случи злоупотреба на личните информации е апликацијата од трета страна да ѝ ги продаде дата-базите на некоја друга фирма, како што е фирмата за истражување на однесувањето на луѓето „Стратеџик комјуникејшнс лабораторис“, кои се поврзани со „Кембриџ аналитика“, фирмата што работела и злоупотребувала податоци за кампањата на американскиот претседател Доналд Трамп. Од Фејсбук претходно информираа дека го имаат намалено протокот на информации што ги добиваат апликациите од трета страна, но сепак тој не е целосно елиминиран.
Извештајот на компанијата „Фрактл“ покажува дека личните податоци од Фејсбук и други акаунти од други мрежи нелегално се продаваат и на „дарк веб“ само за неколку долари. На пример, една фирма е фатена како продава информации од фејсбук-профили само за 5,20 долари, додека информации на профили на платежната платформа „Пејпал“ се продавале во просек за 247 долари, известуваат од МаркетВач.

Кога станува збор за заштита на личните податоци на Фејсбук, освен целосно бришење на профилот, постојат и неколку други начини како да се одбранат корисниците. Првенствено, треба да се избришат сите апликации од трета страна што автоматски ја вклучуваат локацијата. Во зависност од тоа кои се вашите интереси и колку го користите профилот на Фејсбук, може да има и над 100 апликации што се поврзани и директно собираат информации од профилот. Важно е целосно да се отстранат овие апликации и така ќе се зголеми безбедноста на корисникот.
Во време кога личните податоци на речиси секого ги има јавно на Интернет, безбедноста на социјалните мрежи е еден од аспектите што се често занемарени од корисниците. Најважно од сè е добро да се прочитаат условите пред да се притисне „прифаќам“, без разлика за која апликација станува збор.