Со ништо не може да се замени магијата од божиќното украсување на вашиот дом за новогодишните празници. Природното зеленило, црвените украси, панделките и незаменливите комбинации на бои и мириси ќе направат вистинска празнична магија во вашиот дом.

Направете мал рај во вашата куќа само со неколку величествени декорации. Од својот дом направете луксузно ремек-дело со кое ќе ги фасцинирате гостите што ќе ве посетат за време на празниците, а наедно и вие ќе уживате во него. Со малку креативност можете да направете топла и пријатна атмосфера со помош на само неколку црвени и зелени украси, бидејќи црвено-зелената комбинација секогаш е добитна.

Ако имате скали во вашата куќа, тие се идеални за оригинално божиќно украсување. Користете свежи или вештачки борови гранки, кои ќе ги прицврстите со раскошни црвено-златни панделки. Декорацијата на оградата од скалите можете да ја збогатите така што на неа ќе закачите дел од подароците наменети за вашите деца и роднини.

Новогодишната елка украсена со шарени и сјајни украси нека биде во центарот на вашиот дневен простор. Вашата божиќна трпеза исто така мора да биде во склоп на празничната атмосфера, па и за нејзина декорација можете да користите црвено-зелена-златна комбинација. Пожелно е да ставите и неколку декоративни свеќи, кои дополнително ќе ја загреат целата атмосфера. Одлична божиќна атмосфера се добива доколку имате камин во домот и го украсите со борови гранки, црвени панделки и задолжителните новогодишни чорапи. Неизоставен дел од декорацијата на каминот се украсните свеќи во различни бои. За да постигнете комплетен ефект со божиќната декорација на домот, приспособете го осветлувањето во собата во согласност со боите и украсите.

И влезната врата треба да ја украсите за Божиќ. Така ќе покажете дека сте подготвени за прослава и гости. Постојат разни декорации со кои може да се украси влезната врата. Најчеста декорација е украсниот венец. Без разлика дали сте го купиле или сте го направиле сами, тој секогаш убаво ќе изгледа на вратата. Покрај венецот, рамката на вратата дополнително можете да ја украсите со борови гранки, панделки и божиќни украси (лампиони, бастунчиња, мали подароци) или, пак, борови шишарки, кои ќе ги обоите во најразлични бои. Исто така, на вратата можете да ставите и налепници со божиќни мотиви.

Доколку се придржувате до овие основни предлози, својот дом ќе го претворите во луксузно божиќно прибежиште, кое ќе зрачи со позитивна празнична енергија.