Сопствениците на следниот паметен телефон на „Самсунг“ нема да можат да ја користат својата највозбудлива функција ако користат некаква заштита на екранот.

Претстојниот телефон, кој се очекува е „галакси С10“ и е еден месец од официјалното пуштање во продажба. Но мноштво гласини што протекуваа од официјални и неофицијални извори открија многу од клучните карактеристики за новиот паметен телефон. Една од најочекуваните карактеристики е сензорот за отпечатоци преку екранот. „Самсунг“ го изгради новиот уред што може да се отклучи со допир на кое било место од екранот. Овој пристап претставува иновација затоа што вообичаено уредите што поседуваат ваква опција имаат скенер во долниот дел на телефонот, кој го вчитува и го валидира отпечатокот. Тоа што новиот „галакси С10“ нема ваков стандарден скенер, а ја има можноста да се отклучи нестандардно, го прави посакуван и поинтересен. Но оваа опција има и негативности, една од нив е неможноста за поставување некаква заштита врз екранот. Најновите протекувања на информации тврдат дека поставувањето заштита на екранот ќе ја направи оваа функција неупотреблива. Тоа беше откриено во твитот на „Армадилотек“, американска компанија што произведува заштита од воена и најсовремена технологија за паметни телефони на „Самсунг“.

– Ги тестиравме нашите заштитни екрани на повеќе телефони „галакси С10“. Опцијата за вчитување на отпечатокот преку екранот не поддржува некаква заштита на екранот. Затоа и нема да создадеме вградена заштита на екранот за овој телефон – велат од „Армадилотек“ во нивната твит-објава.

Гласините велат дека „Самсунг“ работи на создавање поиздржлив екран за „галакси С10“ според патентот од 2018 година, кој сугерира дека може да има самолекувачка технологија. Сличен самолекувачки материјал беше вграден во флексибилниот „ел-џи флекс 2“, на кој може да му се витка екранот. „Самсунг“ исто така планира да лансира флексибилен телефон во 2019 година, што значи дека патентот би можел да биде за овој уред наместо за „галакси С10“. Самолекувачката технологија исто така оневозможува отклучување на паметниот телефон преку допир на екранот.

Јужнокорејскиот електронски гигант не ги коментира гласините за претстојните уреди и не дава никакви индикации дека ваков материјал ќе се користи во опсегот на паметните телефони „галакси С10“. Голем број претходни гласини открија други аспекти на екранот на „галакси С10“, вклучувајќи го и дизајнот од задната страна на телефонот на местото каде што ќе се наоѓа камерата. Според гласините, се очекува на 20 февруари да се претстават три варијанти на телефонот. Секоја верзија ќе се разликува според големината, спецификациите и цената, почнувајќи од најосновниот, како „галакси С10 И“, до најсовремниот модел, наречен „галакси С10+“. Стандардниот „галакси С10“ ќе доаѓа со 6,1-инчен екран, во споредба со 5,8-инчниот екран на „галакси С10 И“ и 6,4-инчниот екран на „галакси С10+“. Неколку прототипови на новите паметни телефони веќе протекуваат низ социјалните медиуми. Неодамна наводниот „галакси С10 +“ бил забележан во автобус во Јужна Кореја, потврдувајќи многу од претходните гласини за дизајнот на телефонот.