Птиците се многу повеќе од предвесници на пролетта. Отсуството или намалениот број на одреден вид птици, кои се среќавале во огромен број на одреден локалитет, е индикатор за промени на тој локалитет

Во Градскиот парк во Скопје се среќаваат околу стотина вида птици, од кои триесетина се преселни (миграторни), а другите се гнездилки и зимски посетители.
– Поради различните видови живеалишта во и околу паркот среќаваме типични шумски видови (царчето, големиот ушест був, ќукот, разни видови сипки), водни птици (малиот и големиот корморан, разни чапји, дива патка, барска кокошка, штипче итн.) и најпрепознатливите птици, кои живеат во непосредната близина на човекот т.н. урбани птици, како што се гугутката, чавката, полската врана, разни видови врапчиња – вели Данка Узунова, координаторка на проекти за птици во Македонското еколошко друштво.

Македонското еколошко друштво (МЕД) минатата недела организира птичарење во Градскиот парк. Интересот за пријавување во турите за набљудување птици (турите за птичарење) беше неочекувано голем, информираа од МЕД.
– Поради ефикасност на групите (максимум 6 учесници во група) бројот беше ограничен, но веќе во вториот ден од објавата на настанот на социјалните медиуми на МЕД сите места беа пополнети! Ние секако бевме воодушевени од големиот интерес за првата таква активност организирана за јавност во Македонија. Се бараше место повеќе за учество во турите, случајни посетители на паркот бараа да се вклучат доколку некое место се ослободи – беше возбудливо. Секој од водичите од птичарскиот тим на МЕД (вкупно четворица) имаше по две тури и нам времето брзо ни пројде. По големиот интерес од јавноста и нашата желба да го популаризираме птичарењето како интересна, рекреативна активност, која придонесува кон развој на орнитологијата и набљудувањето птици во Македонија, одлучивме дека вакви тури ќе организираме на месечно ниво. За почеток само во Скопје, а понатаму ќе ги популаризираме птичарските тури и во другите градови низ Македонија – вели Узунова.

Таа додава дека птичарењето е интересна активност, колку повеќе време набљудуваш, толку повеќе птици ќе видиш. Понекогаш треба и да имаш среќа и да си на вистинското место и на вистинското време за да ја видиш птицата што ја бараш.
– За време на нашите тури (со траење од еден час) забележавме голема сипка во гнездо, сколовранец како ги храни младите, слушнавме и подоцна го видовме најгласниот пердувест жител на паркот – славејчето, видовме како рибарчето лови риба во езерцата во новиот дел од паркот, ја посетивме колонијата на полски врани, а кај стадионот ги набљудувавме едни од најаеродинамичните птици на светот – пиштарките – додава Узунова.

Целта на настанот е да се доближи птичарењто до јавноста, да се претстави како активност што релаксира и што секој што има интерес да биде во природа и да ги набљудува сите необични жители на природата околу нас, може да ја спроведува.
– За да птичариш не ти треба посебна диплома, не треба да бидеш биолог или еколог. Потребно е да имаш интерес и трпение да ги набљудуваш пердувестите жители околу тебе. Задоволството што доаѓа од откривање толку необични видови, кои се толку блиску до тебе, е непроценливо. Секако, птичарењето има и научна цел, бидејќи преку спроведување научни и стандардизирани методологии на мониторинг собираме информации за состојбата со птиците во одреден регион и носиме заклучоци за состојбата на нивните популации и што придонесува за евентуалните промени во тие популации – објаснува Данка.

На турата низ паркот посетителите имаа можност да се едуцираат за многу работи. Дознаа дека преселбата е огромен зафат за секој организам од енергетски и физиолошки аспект. Во случајот со птиците, преселбата значи прелетување помеѓу два различни локалитета/живеалишта, кои можат да бидат оддалечени 70.000 километри.
– Таков е примерот со арктичката чигра, рекордер помеѓу преселните организми на светот воопшто, која за време на својата преселба од Исланд до Антарктик прави неколку „паузи“ каде што се одмора и ги обновува резервите за храна. Ова е карактеристично за сите видови птици преселници без разлика на растојанието што го прелетуваат. За време на нивното годишно патешествие тие се среќаваат и прелетуваат низ различни земји и територии. Најчесто, човековите активности како несоодветно изградена и неизолирана енергетска инфраструктура, илегално ловење и заловување птици со мамки, пресушување или пренамени на живеалиштата на кои птиците одмагаат и се хранат се само некои од заканите со кои овие птици се среќаваат за време на нивната преселба. И тоа се често активности, кои се нелегални и забранети, според национални законски документи и меѓународни конвенции како Конвенцијата на ОН за зачувување на преселни видови животни и Договорот за зачувување на африканско-евроазиските водни птици. Македонија е потписник на овие конвенции и договори и има законска обврска да ги штити птиците преселници. Тоа подразбира дека и жителите на Македонија ја имаат истата обврска – ни сподели Данка Узунова.

Уникатниот аспект на птиците – нивните пердуви, кои им овозможуваат да летаат – ги прави особено значајни бидејќи тие се единствената група виши ’рбетници, кои се толку широко распространети (ги ма на двата пола на светот, тропски шуми, високопланински пасишта, степи, пустини, земјоделски површини и урбани населби).
– Способноста да летаат ги направила да бидат особено приспособливи на разлики видови живеалишта и брзо да се приспособат на новонастанати промени во нивната непосредна средина. Со тоа, тие се одлични индикатори за состојбата во нивната животна средина, нивните живеалишта. Отсуството или намалениот број на одреден вид птици, кои се среќавале во огромен број на одреден локалитет, е индикатор за промени на тој локалитет. Птиците се многу повеќе од предвесници на пролетта и пејачи во нашите градини и шуми. Тие се важен предвесник и на нашите активности во и околу природата – категорична е Узунова.