Филмска работилница насловена „Како се пишува, режира и продуцира прв игран филм“ се одржа вчера на универзитетот ЕСРА. Работилницата, која наедно е дел и од програмата на Скопскиот филмски фестивал, ја водеа Леа Мисиус и Кристоф Режин, филмски режисери од Франција. Откако режираа неколку кратки филма, Леа Мисиус и Кристоф Режин во 2017 ги претставија своите први играни филмови пред публиката.
„Ава“ на Леа Мисиус ја имаше својата премиера на Канскиот филмски фестивал, додека „Скришно“ на Кристоф Режин беше прикажан на Филмскиот фестивал „Ле арк“, еден од најпрестижните филмски фестивали посветен на европскиот филм. Освен што режираат филмови, Леа и Кристоф пишуваат и за други режисери. На оваа работилница, тие зборуваа за тоа како се развива процесот на пишување и режирање кога се минува од краток кон долгометражен игран филм, како пишувањето за други може да го смени начинот на кој ја раскажувате приказната, како да ги истакнете квалитетите на вашето сценарио кога му го претставувате на продуцентот.