Членките на ЕУ главно ги почитуваат пресудите на Европскиот суд на правдата, но тоа е само делумно решение за спречување на заканите за владеењето на правото во Унијата. За среќа, ЕУ има неколку други средства со кои може да го поддржи овој основен столб на демократското владеење
Тити Тупураинен
Неодамнешната пресуда на Врховниот суд на Британија дека премиерот Борис Џонсон постапил противзаконски во обид да го суспендира парламентот пет недели, за да избегне дебата за неговите планови за брегзит без договор, само ја нагласи централната улога на владеењето на правото во демократското управување. Владеењето на правото преовладува во Британија, но грижите се зголемуваат за други земји на Унијата. За ЕУ, заштитата на владеењето на правото е обврска, која лидерите мора непоколебливо да ја извршуваат.
Во својата книга „Потеклото на политичкиот поредок“, политикологот Френсис Фукујама тврди дека владеењето на правото е најтешкиот столб за изградба на успешно модерно општество. Организирањето на владината администрација и спроведувањето избори за законодавното тело е релативно лесно, а само мал број неуспешни држави немаат функционална јавна администрација или законодавство. Но во далеку повеќе земји, отсуството на владеење на правото е примарен извор на нестабилност и политичка гнилост. За ЕУ, владеењето на правото е од клучно значење, затоа што ЕУ не е само заеднички економски потфат (иако, како што нагласуваат економистите, владеењето на правото е исто така предуслов за развиена пазарна економија).
Целта на постоењето на правниот систем на ЕУ е да гарантира мир меѓу европските земји и да ги штити човековите права во рамките на нејзините земји-членки. Блокот е заснован на заеднички вредности содржани во неговите договори. Заложбата на ЕУ за владеење на правото, утврдена во членот 2 од договорот за Европската Унија, е директна. Таа налага законитост, правна сигурност, забрана за произволно владеење, поделба на власта и ефикасно и независно судство. Почитувањето на владеењето на правото влијае врз различни слоеви на општеството на многу практични начини: на ниво на ЕУ, на националната држава, кај компаниите и меѓу граѓаните.
Во ЕУ, владеењето на правото не е само политичка изјава или недостижен морален идеал, туку принцип што јавните службеници и судовите се должни да го почитуваат. Покрај тоа, системот на одговорности работи и на друг начин: ЕУ има обврска да осигури дека правата засновани на договорите се почитуваат во нејзините земји-членки. Овие права и должности беа во центарот на вниманието во јуни, кога Европскиот суд на правдата (ЕСП) пресуди дека контроверзната реформа на Врховниот суд на Полска е спротивна на правото на ЕУ, бидејќи го поткопува принципот на независноста на судиите. Конечно, правните институции во секоја земја-членка се и правни институции на Унијата. Независноста на судовите е фундаментална за заштита на основните права за ефективна судска заштита и фер-судење. Според тоа, правниот систем и судството во која било земја-членка на ЕУ мора да ги исполнуваат европските стандарди, а ЕСП е должен да интервенира доколку е потребно.
Но иако земјите-членки на ЕУ имаат тенденција да ги почитуваат пресудите на ЕСП, ова е само делумно решение за проблемот со намалувањето на заканите за владеењето на правото. За среќа, ЕУ има на располагање неколку други алатки.
Од 2014 година, земјите-членки на ЕУ водат дијалог за промовирање и заштита на владеењето на правото, вклучувајќи и во контекст на дигитализацијата, миграцијата и медиумскиот плурализам. Иако овие тематски дискусии беа многу плодни во создавањето основа за заемно разбирање, сега е време да се зајакне дијалогот за владеење на правото. Тоа треба да биде посистематско и засновано врз факти – вистински годишен преглед на состојбата на владеењето на правото во ЕУ. Новиот циклус на преиспитување на владеењето на правото предложен од Европската комисија треба да ги обезбеди потребните податоци. Овој пристап ќе им овозможи на земјите-членки да промовираат попозитивна, поконструктивна и, конечно, поинклузивна дискусија.
Европскиот парламент гласаше во септември 2018 година да почне процес според членот 7 од Договорот на ЕУ за решавање на наводните прекршувања на владеењето на правото во Унгарија (слична постапка претходно беше иницирана и за Полска). Овој процес бара од Советот да оцени дали владеењето на правото е загрозено во членката на ЕУ. Ако се утврдат сериозни и постојани прекршувања на владеењето на правото, Советот има моќ да суспендира одредени права на конкретната земја што произлегуваат од членството во ЕУ.
Заштитата на владеењето на правото е важна и за заштита на буџетот на ЕУ. Од таа причина, комисијата предложи вклучување заштитни мерки за владеењето на правото во нејзиниот следен седумгодишен буџет, или повеќегодишна финансиска рамка, од 2021 до 2027 година. ЕУ може да ги замрзне своите фондови во една земја-членка ако правните недостатоци во неа го загрозуваат трошењето на овие средства. Овој нов услов е наметнат за да обесхрабри, а не да принуди. Конечно, должноста да се заштити буџетот на ЕУ бара строго придржување кон вредностите што се загарантирани со договорите.
Низ историјата, некои недемократски општества со владеење на правото постепено се развивале во демократии. Спротивно на тоа, општествата без владеење на правото ја доживувале демократијата како минлива појава. Авторитарните владетели ги задушуваат демократијата и владеењето на правото со блокирање на законодавството и корумпирање на судскиот систем. Затоа демократијата умира, дури и со фасадата на мнозинството. Значи, иако е тешко да се изгради систем заснован на владеење на правото, неговото поткопување е многу полесно и може да се случи „постепено, па одеднаш“. Затоа владеењето на правото има потреба од постојана грижа насекаде, дури и во земји со долги демократски традиции. Одржувањето на владеењето на правото бара решителност и визионерство. Нејзините бранители треба да дејствуваат брзо и одлучно. Ако еден чекор е недоволен, веднаш мора да се преземе друг.
Авторката е министерка за европски прашања на Финска