Минатонеделните локални избори во Бугарија ја потврдија политичката доминација на партијата ГЕРБ
Кандидатката на бугарската владејачка партија, централнодесничарската ГЕРБ, Јорданка Фандакова, за градоначалничка на Софија доби 49,98 отсто од гласовите во вториот круг од локалните избори во Бугарија. Тоа е доволен број гласови за нејзин четврти мандат како градоначалничка. Маја Манолова, пак, независната кандидатка што ја поддржаа опозициските социјалисти, освои 45,13 отсто од гласовите.
Минатонеделните локални избори во Бугарија ја потврдија политичката доминација на партијата ГЕРБ, која освои најмногу места во многу поголеми градови, иако поддршката беше помала од пред четири години.
ГЕРБ и СДС, покрај Софија, добија градоначалнички места во девет изборни региони, додека кандидатите за градоначалници од Демократска Бугарија победија во девет градски области.
Евелин Славкова, политичка експертка, во изјава за „Нова“ рече дека довербата на граѓаните кон опозициската БСП беше недоволна, што му овозможи на ГЕРБ да ја „обои“ картата на Бугарија во партиските бои.
– Резултатот од локалните избори го одлучи квадратчето на гласачкото ливче: „Јас не поддржувам никого“. Тоа се покажа за избор на градоначалник во Софија. Разликата помеѓу Фандакова и Манолова во гласовите е точно ист број на луѓе што не поддржувале никој – заклучува социологот Парван Симеонов.
Според него, по овие избори стана јасно дека постои побарувачка за нов вид политичари во земјата. За Славкова е важно кои ќе бидат следните чекори на Маја Манолова во наредните месеци во контекст на зајакнувањето на опозициските сили во Бугарија. Според неа, фокусот на кампањата на Манолова беше погрешен. Преголемата желба да ги задоволи десничарските гласачи ги одврати некои од поддржувачите на БСП, но нејзиниот успех на локалните избори е очигледен.
Граѓаните сакаат алтернатива, но политичките партии на опозицијата не се во можност да предложат, е ставот на политичкиот експерт Стоичо Стојчев, изнесен во емисијата „Ова е Бугарија“ на радиото Фокус.
– Во вториот круг во Софија се покажа дека Манолова не може да биде оваа алтернатива, бидејќи тие се обидоа да ја направат како личност над партијата. Но луѓето се сеќаваат на минатото и нејзината улога како функционер во владата на Орешарски. Можеби ова во голема мера ги демотивира потенцијалните гласачи на опозицијата. И друга работа, се разбира, е нејзиното одбивање поблиска поврзаност со БСП – објаснува Стојчев.