Најголем предизвик и радост носат оние улоги што се разликуваат од она што си ти приватно. Тогаш следува вистинската авантура, вели Јелена

ЈЕЛЕНА ЈОВАНОВА, АКТЕРКА

Актерката Јелена Јованова веќе трета сезона ќе го оживува ликот на рецепционерката од Драчево во ситкомот „Преспав“. Талентот на Јелена Јованова, неуморниот дух, заразната енергија, мултипродуктивноста, инспиративноста, многубројните актерски трансформации, изминативе години непрестајно циркулираат во етерот. Јелена Јованова го живее најплодниот период од својата кариера досега и вешто се справува со сите предизвици. Кратката биографија преполнета со театарски претстави, домашни, странски филмови, серии… со секоја улога расте, се надградува и се усовршува.

На што ве научи ликот на Јелена? Имаат ли заеднички муабет Јелена од Драчево и Јелена Јованова?
– Јас сум актер што во суштина ужива во ваквиот формат и можноста на работа на еден лик на подолги патеки. На тој начин ја мерам својата креативност, го тестирам квалитетот на одредената потврдена постојаност, го ширам дадениот простор на самиот лик, а со тоа и се развивам како актер. Уживам во можноста да го правам тоа со ликот на Јелена во еве веќе три сезони и неизмерно ми е драго што тој лик е еден од омилените на публиката. Им благодарам за тоа. Со Јелена го делам името и немањето страв да сум секогаш таа што сум. Она во што таа ми помага некогаш приватно се леснотијата и ведрината до кои таа како лик доаѓа побрзо отколку јас лично.

Со што ќе нѐ забавува рецепционерката Јелена во третата сезона на „Преспав“?
– Со нејзината мултитаскинг-функционалност односно нефункционалност како нова менаџерка на пансионот. Со нејзината симпатична наивност, но и луцидност. И оваа сезона Јелена е главниот ковач на сите замисливи и незамисливи сплетки. Таа ги носи проблемите, но и решенијата. Водата стои, Јелена од Драчево не стои. Безгранично забавна, жива и инспиративна. Институција сама за себе.

Бевте дел од екипата на „Ловци на вештерки“, филм што неодамна ја освои наградата за најдобар филм во Торонто. По што ќе го паметите овој детски филм наменет за сите возрасти?
– „Ловци на вештерки“ досега посетил над 30 интернационални фестивали на кои освоил повеќе од 10 награди. На среќата ѝ нема крај, па следното нешто што го очекува филмот е филмскиот фестивал „Санденс“, а сигурна сум дека тоа нема да биде крајот. Многу редок, многу битен фамилијарен филм. Преку пријателската авантура на главните јунаци се транспортираме до многу битни животни прашања. Што е вистинско пријателство, дали различностите треба да се прегрнат, колку е лесно или тешко да си ја прифатиш реалноста, како можеш да ја подобриш истата таа, дали и како љубовта метаморфозира. Ова се само некои од темите што филмот многу паметно и ни малку претенциозно ги отвора. Почестена сум што сум дел од таа приказна и се надевам ќе имаме можност да создаваме повеќе такви филмови.

Вашето портфолио е богато со многу улоги, жанрови, разни уметнички формати. Кои улоги ви се најсилен предизвик?
– Нормално дека најголем предизвик и радост носат оние улоги што се разликуваат од она што си ти приватно. Тогаш следува вистинската авантура. Во суштина актерот и може најдобро да се развива кога ќе заплови во различни жанрови, кога нема да биде готов модел на сцена и се игра само себеси, кога ќе ја развива емпатијата и за туѓите животни приказни и ќе знае да ги донесе таму каде што треба.

Игравте во шпанскиот филм „Ел десентиеро“, каде што првпат глумевте на шпански. Како се соочивте со ова искуство?
– „Ел десентиеро“ беше вистинскиот мегдан за борба со самиот себе. Кога работиш со екипа што многу малку зборува англиски, а ти не зборуваш шпански ја имаш вистинската можност да ја тестираш својата лична мобилизација, да видиш каде е твоето место на туѓиот пазар и дали воопшто тој може да те прифати. Вера е мистичниот лик во филмот што ја носи главната есенција. Таа ја носи закопаната вистина по која се трага 20 години, а откопувајќи ја неа за оние што ја бараат, ја дознава и својата. Неодамна филмот имаше своја премиера во Севилја и во Мадрид. Среќна сум што видов дека сме направиле одличен филм. Чувството да можеш да видиш и да чуеш како публиката дише со приказната и ликовите беше непроценливо.

На вашата листа на желби, какви улоги, проекти, филмови чекаат на ред за реализација?
– Секако дека си посакувам убави работи, но научив да уживам во убавината на неизвесноста и на изненадувањата што ги носи иднината. Она што знам дека ме чека се два нови долгометражни филма, но за кои и за што станува збор во нив сѐ уште немам зелено светло да зборувам. Тоа само ни дава повод за уште една нова средба и соработка.