Без агресија, но со цврст поглед. Без кавга, но со збор што точно ги дефинира работите и нуди шанса за научена животна лекција. Без освета, но со крената глава и фактура во рацете. Впрочем, оваа универзална формула важи и за стравовите, дилемите или немирот. Собери сила, соочи се и ПОБЕДИ!

Постојат ли лоши луѓе? Ви копаат ли дупка оние во кои најмногу сте верувале и за кои најмногу сте правеле? Дали треба да им простите на оние кои ви направиле неправда? Одговорите се: ДА, ДА, и ДА!
За жал, постојат луѓе кои својата интимна несреќа и незадоволство ги лекуваат со лоши постапки кон оние кои најмалку го заслужиле тоа. Тие се хранат со болката на оној покрај себе, небаре нивниот приватен пекол ќе се намали или ќе исчезне со нивниот чин на лошотилак. Околу себе шират реа на јанѕа, немир и безнадежност. Што да правите кога ќе влетаат во вашиот физички и психолошки простор? Направете дистанца и не им дозволувајте да го сокријат вашиот сончев ден со својот намуртен облак. Тргнете се од нив и не правете компромис со самите себе – ако им допуштите, нема да знаат да запрат, зашто тие се она што јас го нарекувам „емоционални вампири“. Со текот на времето, голем дел од нив се качува на едно повисоко ниво на свесност и себеосознавање, па решаваат да побараат стручна помош и поддршка. За нивна среќа. Оние останатите продолжуваат да се препелкаат во сопствената потреба да се биде лош кон блиските и далечните личности, создавајќи така маѓепсан круг на самоповредување и креирање негативни емоции кај сите околу себе.

Овој свет не е создаден по совршен терк, си има тој свои маани и деформитети. Во него се испреплетуваат и добрината и злобата, и љубовта и омразата, и правдата и неправдата – само таков и треба да го препознаеме и прифатиме, зашто во спротивно ќе бидеме плодна почва за секаков вид на психолошки кочници и бариери. Нашата сила се крие во ситните, навидум невидливи чинови на храброст во ситуации кога ништо не оди како што треба и кога во очај се прашуваме: „Зошто баш мене ми се случува ова?“, „Зошто излегоа нелуѓе оние за кои давав се, им помогнав, ги кревав кога паѓаа, од анонимни ги направив славни, од просечни ги издигнав до извонредни?“… Колку повеќе, се прашувате, толку помалку одговори добивате. Тоа е затоа што вашата енергија ги привлекла таквите луѓе кон вас, тие биле неизбежни во вашиот живот – за среќа, само на одреден период, онолкав колкав вие ќе им дадете. После научената лекција, поразите се трансформираат во победи, солзите во насмевка, а омразата во чиста, кристално јасна ЉУБОВ!

Традиционалната психологија наведува до заклучок дека самиот чин на простување на туѓите лоши дела кон вас, автоматски ќе ве ослободи и вас самите. Но дали е навистина така?

Според мене, чинот на простување е нешто како напорно качување по снежна планина. Трае долго и често може да се изгуби правецот, ама во основа, правецот на движење е јасен – се оди угоре! Самото простување е мигот кога вашата душа торжествено ги подига победнички рацете, стоејќи на врвот на тукушто освоената планина. И сега…што? Ете, простивте и се чувствувате како победник… Но, зошто чувството не е комплетно? Зошто ви недостига онаа ситна нијанса на целосна среќа и исполнетост заради победата?

Драги мои, не сме ние ангели, ниту бескрајно алтруистички аморфни тела кои лебдат во атмосферата и шират само немерлива среќа околу себе! Не сме Господ, та да простуваме без да бараме ништо за себе. Нашата изнамачена душа бара сатисфакција, потврда дека неправедно била третирана, црно на бело дека простувањето не значи ЗАБОРАВАЊЕ. Соочете се со својот поранешен пријател, познаник, шеф, љубовен партнер, роднина….што и да е! Погледнете ја во очи причината за вашата досегашна несреќа и дајте и јасно до знаење кој е кој во приказната. После сите црнила и маки, ВИЕ сте победникот, а другата страна, преземајќи ја од вас енергијата на ОСОЗНАВАЊЕ на својот грев, станува неизбежен ГУБИТНИК во натпреварот со сопствената нечиста совест. Дајте и на знаење на таа личност дека простувате, соблекувајќи го пред неа мантилот на жртва, но истовремено заразете ја со својата победничка насмевка, за конечно да дознае дека не сте заборавиле и никогаш нема да заборавите. Само така учењето на вашата лекција ќе биде комплетно, само така универзумот ќе се погрижи и таа личност да ја научи својата лекција. Вашата меѓусебна интеракција на плус и минус ќе креира прекрасно единство на ИСПОЛНЕТА МИСИЈА. Во спротивно, вашето простување вас ќе ве остави на средина на патот кон снежниот врв, а на неправедникот ќе му создаде шанса да повреди и унесреќи и други како вас, зашто никој нема да го научи дека треба да ја наведне главата и да трпи последици заради своите лоши постапки. Тие последици неминовно доаѓаат и добро е што е така. Имаат различни форми, но во основа служат да се врати универзалниот баланс помеѓу добрината и злото. Соочувајќи го со вашиот поглед в очи и насмевката на праведник насочена кон него, му ја давате шансата која нема да ја добие од никого друг: ДА СФАТИ ДЕКА СТОРИЛ НЕПРАВДА И ДА ЈА ПЛАТИ ФАКТУРАТА ЗА ТОА. Психолошка фактура?
О, да,таа постои. Верувале или не, многу е скапа нејзината наплата.
Но неопходна е и после тоа дава чувство на праведност.
Без агресија, но со цврст поглед. Без кавга, но со збор што точно ги дефинира работите и нуди шанса за научена животна лекција. Без освета, но со крената глава и фактура во рацете. Впрочем, оваа универзална формула важи и за стравовите, дилемите или немирот. Собери сила, соочи се и ПОБЕДИ! А погледот од врвот на планината?
Нема да ви кажам каков е, ќе го видите сами, така ли е?

Авторката е психолог