Искуството од пандемијата како катализатор за образовни реформи

Хенриета Х. Фор и Дејвид Малпас

Како што се наближува третата година од пандемијата на ковид-19, училниците остануваат целосно или делумно затворени за дури 647 милиони ученици во светот. Дури и таму каде што училиштата се повторно отворени, многу ученици продолжуваат да заостануваат со знаењата. Сега е кристално јасно дека децата учеа помалку за време на пандемијата. Според процените на Светската банка, затворањето на училиштата поврзано со пандемијата може да ја зголеми таканаречената „образовна оскудност“, поточно уделот на 10-годишни ученици што не можат да прочитаат обичен текст, до околу 70 отсто во земјите со ниски и средни приходи. Оваа загуба во учењето би можела да ја чини 17 илјади милијарди долари во животна заработка цела генерација ученици.

Како што најверојатно за некое време доминантен ќе стане омикрон-сојот, сè повеќе влади можеби ќе почнат да размислуваат за затворање на училиштата. Без воспоставена дигитална инфраструктура за поддршка на учењето, таквиот нивен потег дополнително би ги влошил загубите во образованието и ќе им скрати голем дел од предностите што децата ги имаат од секојдневното одење на училиште, како што се можностите да градат врски со своите соученици и да развиваат социјални вештини за личен развој. Интеракцијата со наставниците и врсниците е од суштинско значење за развивање на способностите што се неопходни за соработка. Да се биде дел од групата промовира чувство на припадност и помага да се изгради самопочитта и емпатијата.

За време на пандемијата, маргинализираните деца најмногу страдаа. Кога училиштата во светот повторно ги отворија вратите оваа учебна година, стана јасно дека овие деца заостанаа уште повеќе зад своите врсници. Пред пандемијата, родовата еднаквост во образованието се подобруваше, но затворањето на училиштата стави во ризик уште десет милиони девојчиња од прерано стапување во брак, што практично значи крај на нивното школување.

Доколку оваа регресија не се смени, оскудноста во образованието и поврзаната загуба на човечки капитал ќе ги уназадат со децении економиите и општествата. На децата мора да им се даде шанса да си го вратат загубеното образование. Потребен им е пристап до добро подготвени материјали, можности за дигитално учење и трансформирани образовни системи, кои ќе им помогнат да се подготват за идните предизвици. Добро обучените наставници и ефективната употреба на технологијата се од суштинско значење за овој процес. Многу држави воведоа огромни стимулативни пакети како одговор на здравствената криза. Но заклучно од јуни годинава, помалку од три отсто од овие средства беа наменети за секторот за образование и обука, а повеќето од нив беа потрошени во напредните економии.

За многу земји со ниски приходи, зголемените плаќања на долговите ги истиснуваат основните социјални трошоци, вклучувајќи и за образованието. Слабостите што се јавуваат во инвестициите за поддршка на образованието се закануваат да ги продлабочат разликите во резултатите од учењето што постоеја пред пандемијата. Додека намалувањето на јазот во образованието ќе бара поефикасно користење на ресурсите, сепак на крајот ќе бидат потребни повеќе вложувања. За најсиромашните земји светот, забрзувањето на отпишувањето на долговите според заедничката рамка на Г20, ќе обезбеди фискален простор за зголемување на поддршката за човечкиот капитал.

Инвестициите во образованието мора да вклучуваат образовна технологија, притоа земајќи го предвид она што добро функционирало во различни контексти во целиот свет. Во текот на изминатите десет години, уругвајските власти инвестираа во инфраструктура, дигитална содржина и наставнички капацитет, поради што државата беше подобро подготвена да премине на далечинско учење кога затворија училиштата во пандемијата. Пред пандемијата, индиската сојузна држава Гуџарат, вложувајќи во големите податоци и машинското учење, формираше најсовремени центри за дигитална поддршка на училиштата и затоа можеше брзо да реагира со дигитално дистрибуирање на материјалите и персонализирано далечинско учење за секој ученик. Во Кенија, сите деца, вклучувајќи ги и оние со попреченост, можат да пристапат до специјално дизајнирани и инклузивни дигитални учебници.

УНИЦЕФ и Групацијата на Светската банка заедно работат за сите образовни системи да можат ефективно да ја користат технологијата за да ги надминат разликите и да ја спречат загубата на образованието. Вклучувањето на употребата на технологија во рамките на целокупната стратегија за ставање крај на оскудноста во образованието може да помогне да се подобрат основните вештини, да се зголеми времето за подготовка на наставата и најефикасно да се употребат ресурсите. Ова е од особена важност за земјите со ниски приходи, каде што технологијата брзо може да им ја обезбеди неопходната поддршка на наставниците. Ресурсите мора паметно да се инвестираат и притоа да се земе предвид електричната инфраструктура на земјите, поврзаноста на интернет, распределбата на дигитални уреди за најобесправените ученици, како и капацитетот за управување со податоци. Без внимателно разгледан процес за зголемување на употребата на технологија, добрите намери и осмислените политики нема да успеат да постигнат обнова и забрзување на учењето што им е потребно на земјите во развој.

Пристапот до квалитетно образование беше нерамномерен пред пандемијата, а сега уште повеќе дојде до израз. Со инвестирање во обновување на учењето и паметната употреба на технологијата, искуството од пандемијата може да се искористи како катализатор за подобрување на образованието за сите деца.

Хенриета Х. Фор е извршна директорка на УНИЦЕФ, а Дејвид Малпас е претседател на групацијата на Светската банка.