За почеток ќе се послужам (ќе ја „злоупотребам“) мојата јазична професија. Клацкалка е збор што произлегува од глаголот клацка. Според „Толковниот речник на македонскиот јазик“ (том втори, стр. 525, Скопје 2005) клацка означува: 1. се ниша, се клати, тресе, се гега, се движи ваму-таму. Ќе наведам неколку нови значења од зборов во мојот Охрид (сум го чул и во Битола): 2. бегај, бе, не играј мајтап со мене – не клацкај се, не зезај ме – не лажи ме.

Партиите можат да го менуваат Уставот кога ќе посакаат, ама народното име – не. Освен ако го менат народот! На клацкалката во последно време се сегашните надворешни министри на Македонија и на Грција – Димитров наспроти Коѕијас. Еднаш се клацкаат во Њујорк со неплатениот судија на ООН – Нимиц, другпат сами во Скопје, потоа се клацкаат во Охрид, за да подготват терен за средба на премиерите на Македонија и на Грција. Но клацкањево не е како клацкање на деца во парк. Сѐ повеќе личи на второто значење од клацка: играње мајтап, лажење, зезање. Дури и сигурно – потсмевање. Оваа клацкалка меѓу МК – ГР личи на војна без муниција, зашто пред сѐ е дипломатска нерамноправна борба. На една страна се Грците, кои сакаат да ни го симнат античкиот рејтинг на народ (независно колку сме или не сме, ама Грците сигурно ич не се Македонци). Грците несфатливо ги поддржуваат десетици дипломати и главатари на ЕУ и незаобиколната милитантна НАТО.

И Заев и Ципрас во Софија се клацкаа и се договорија РМ да се вика Република Илинденска Македонија?! Направија договор без договор. Вака, објаснуваа, се споени сите 3 Илиндени во едно. Оној од 1903 година – Илинденското востание, партизанската победа овековечена со АСНОМ на Прохор Пчињски во 1944 година, септемврискиот референдум за самостојна и независна РМ во 1992 година. Како 4. би го додал нехристијанскиот Илинден од 338 година пред Христа, кога Филип Втори заедно војувале со сина си Александар при уништувањето на Атињаните, Спартанците и другите гратчиња-државички на Јужен Балкан. И помислив – Грците веднаш ќе протестираат. И би така! Предлогот го отфрлија. Ја видоа замката. ВМРО е формиран во Солун во 1893 година. Таму имало многу повеќе Македонци од Грци. Според Бизмарк, до 1912 година во Солун живееле само 4% Грци!

И уште едно лингвистичко и политичко прашање што никој од политичарите и дипломатите не го забележа. Тоа го постави во својата прецизна анализа во „Нова Македонија“, д-р Гале Галев. Привремената референца или прекарот што ни го натовари Грција во ОН не гласи „Поранешна Југословенска Република Македонија“, туку „поранешна југословенска Република Македонија“, со мали букви – п и ј, а не со големи – П и Ј. Оваа графостилистичка посебност не ја виделе врвните дипломати и политичари. Во стилистиката пишувањето на името Перо со голема буква не е еднакво како да напишеш перо со мала буква.
Граматички, вторава форма е неправилна, ама стилистички – оправдана! Пишувањето на Перо како перо е знак за навреда. Со малата буква Перо не заслужува да го носи нормалното име. Надграматичката категорија стилистика може да има големо значење. Така е и со „поранешна југословенска Република Македонија“. Можеби политичарите или дипломатите сметале дека тоа е правописна грешка и не ја откриле замката на лингвостилистиката. Штета!

Наивно е детското размислување: ќе го промениш името, ама Уставот и идентитетот не! Промени ли име, отидоа јазикот, историјата, обичаите. Да се промени сопственото име без војна, со преговори на маса, во сопствената земја е злосторство.

(Драги Стефанија)